Владата на вчерашната седница разгледа уште две барања кои произлегоа од средбите што премиерот Никола Груевски ги имаше со граѓаните од дебарско-реканскиот крај.
По барањето на жителите од Жеровница дека немаат радиодифузен сигнал, вчера во присуство на директорот на Македонската радиотелевизија Марјан Цветковски и директорката на македонската радиодифузија Јулијана Спировска беше анализирана состојбата при што беше истакнато дека според евиденцијата на Македонската радиодифузија, на ова подрачје зрачи радиодифузен сигнал, но оти поради потребата од дополнителни проверки, тимови на МРТВ, Македонска радиодизуфија и АЕК во текот на утрешниот ден ќе направат теренска посета на местото. Доколку е возможно ќе се провери и можноста освен МРТВ да зрачат со сигнал и останатите национални телевизии.
Од владината дискусија произлегло и системско решение за корист на сите граѓани, односно отсега на сметките за радиодифузна такса да биде испишан бесплатен број 0800 700 7024 каде граѓаните може да пријават проблеми со радиодифузниот сигнал.
Во насока на обезбедување на квалитетен сигнал на програмите на МТВ коишто ги емитува Македонска радиодифузија, како и актуелниот проблем во населеното место Жировница каде граѓаните се пожалија на неквалитетен прием на сигнал на првата владина седница бев повикана од страна на премиерот за разгледување на актуелната состојба во ова населено место. Притоа донесен е заклучок претставник од Македонска радиодифузија со претставник од МТВ и АЕК да излеземе на лице место, да го анализираме проблемот и да пристапиме кон негово разрешување. Истовремено донесен е и заклучок отворениот телефон на Македонска радиодифузија да биде вметнат на сметките за радиодифузна такса и во иднина сите граѓани проблемите во однос на емитување на сигналот да можат да ги пријават на овој број. Сето ова се прави во насока на обезбедување на квалитетен сигнал на граѓаните на Република Македонија на целата територија и евентуалните проблеми коишто ги имаат при приемот на сигналот да го пријават на овој број со којшто екипите на МРД веднаш ќе пристапат кон отстранување на дефектот, изјави Спировска.
Проблемот со радиодифузниот сигнал му го посочија жителите на Жеровница на премиерот Груевски по што веднаш беше веднаш реагирано од негова страна и во консултација со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски беше договорено дека за ова ќе се разговара на следната владина седница.
Една од забелешките од граѓаните беше и недостатокот на дрва за огрев при што премиерот Груевски на владината седница го повика и директорот на Македонски шуми Жарко Караџовски. При тоа беше заклучено да се зајакнат капацитетите на претпријатието во насока на надополнување на потребната количина на огревно дрво.
Зголемена побарувачка на огревно дрво
Свесни за состојбата што се случува во моментот, како Јавно претпријатие ги интензивиравме сите наши ресурси и ќе ги интензивираме и во иднина за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Она што можам да го кажам дека оваа година има значително зголемена побарувачка на огревно дрво, а за тоа влијаат многу фактори. Можеби е нашата цена која девет години не е променета и е стимулација за повеќе граѓани да се определуваат да се греат на дрво, а од друга страна, пак, понудата на пазарот е значително намалена и на некој начин дојде притисокот врз „Македонски шуми“ да го снабди граѓанството. Со оглед на тоа дека сме јавно претпријатие, наша обврска е тоа и да го направиме. Од тие причини на седницата на Владата разговаравме да се изнајде некој начин и Владата со своите ресурси за да и помогне на „Македонски шуми“ во овој период да го интензивираме производството и продажбата со цел да им излеземе на сите граѓани во пресрет на грејната сезона, изјави Караџовски, додавајќи дека ќе се стори се овој проблем да се надмине.