Разголени активистки го изненадија канцеларот Шолц

Две активистки го изненадија германскиот канцелар Олаф Шолц со кој во неделата се фотографираа разголувајќи се до појасот со натписот на нивните гради „ембарго на гасот, веднаш“ алудирајќи на проширување на санкциите против Русија поради војната во Украина.

Двете активистки го искористиле настанот Денови на отворени врати на владата организиран викендов за да дојдат во близина на германскиот канцелар. Откако ги разголеле градите, девојките пред канцеларот фрлале насликани банкноти.

По нивната акција обезбедувањето брзо ги опколило и ги отстранило. Другите припадници од обезбедувањето, пак, брзо ги собрале хартиите, а Шолц останал спокоен и по куса пауза продолжил со фотографирањето.

Инцидентот се одиграл во градината на територијата на владата, а медиумите известуваат дека и покрај тоа што обезбедувањето ги проверувала облеките и содржината на џебовите на оние кои сакале да се фотографираат со Шолц, не можеле да ги предвидат и спречат ваквите непријатности.

Иако очајнички бара поинаква можност, Германија која многу зависи од рускиот гас, сѐ досега не успеа целосно да се откаже од рускиот гас.

Одговарајќи претходно на прашања на граѓаните, Шолц зборувал за различните напори на неговата влада во барањето алтернативни извори на енергенси, меѓу кои и е поскапиот течен природен гас за што првите терминали кои Берлин планира во оптимистичка варијанта би можеле да бидат оперативни на почетокот од 2023 година.

„Така нашиот проблем со сигурно снабдување би можел да биде решен на почетокот од 2024 година“, додал Шолц.

Германија, како и многу нејзини европски соседи, очекуваат недостиг од енергенсот оваа зима и повисоки цени.