Податоците објавени на страницата на Државната изборна комисија за излезноста до 9 часот на денешните двојни избори уште од утрово го покажува она на што се предупредуваше по првиот круг на претседателските избори – граѓаните од албанска националност го бојкотираат избирањето на претседател на Македонија.
Како што веќе е познато, граѓаните со право на глас денеска имаат избор да гласаат и на двата избори или да одберат да гласаат само за претседател и само за Собрание. Oфицијални повици за бојкот на изборите немаше од ниедна политичка партија, но постојано се зборуваше дека доколку не се оствари цензусот за излезност во вториот круг на претседателските избори, односно нема излезност од 40% од запишаните гласачи – се оди на нови избори и се создава вештачка политичка криза, за на крај да се остварат барањата на дел од албанските политичари претседател на Републиката да се бира во Собрание.