Израелската армија рано утрото во вторникот објави дека отворила оган врз дваесетина „сомнителни“ луѓе, најверојатно шверцери на дрога, кои од соседен Египет се движеле кон јужен Израел.
Дваесетина сомнителни лица, од кои некои и вооружени, пристигнаа од египетска територија кон граничната зона со Израел, во близина на преминот Ницан, во пустината Негев, соопшти армијата во кусата порака до новинарите.
„Војниците кои дејствуваат во таа зона отворија оган врз вооружени лица и тие беа погодени“, додаде војската, но не даде други поединости.
Во Каиро, египетски безбедносен извор за телевизијата al-Kahera News изјави дека египетските сили спречиле обид за шверц на дрога на границата меѓу Израел и Египет во истиот сектор.
Според овој извор, при оваа операција против криумчарските канали на наркотици дошло до конфликт при што биле уапсени шестмина шверцери.
Границата меѓу Израел и Египет е главно мирна, иако е редовно место за обид за шверц на дрога.