Размислувајте со своја глава, обвинувањата за Буча се монструозен фалсификат!

Кремљ соопшти дека изјавите на американскиот претседател Џозеф Бајден со кои се бара на рускиот претседател да му се суди за воени злосторства се неприфатливи и не му доликуваат на американскиот лидер.

Бајден вчера реагираше на фотографиите од Буча кои беа објавени во текот на изминатиот викенд, а на кои се прикажани масовни гробници и тела на цивили, при што некои од нив биле со врзани раце.

„Можеби се сеќавате дека бев критикуван затоа што го нареков Путин воен злосторник“, рече Бајден.

Обраќајќи им се денеска на новинарите, портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, рече тврдењата дека руските сили извршиле воени злосторства на тој начин што погубиле цивили во Буча е монструозен фалсификат, чија цел е поткопување на руската војска.

„Тоа едноставно е добро режирано, но трагично шоу. Уште еднаш апелираме до меѓународната заедница – дистанцирајте се од такви емотивни перцепции и размислувајте со своја глава. Споредете ги фактите и сфатете со какви монструозни лаги си имаме работа“, рекол Песков.

Тој рече и дека Русија не ја отфрла можноста за средба меѓу лидерите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, но додаде дека до состанок може да дојде дури кога ќе биде постигнат договор за документ за безбедност.

Портпаролот на Кремљ одби да даде коментар за тоа како напредуваат мировните преговори меѓу Русија и Украина, за кои беше најавено дека ќе продолжат денеска преку видеоврска, извести агенцијата Интерфакс повикувајќи се на изјави од заменикот на шефот на руската дипломатија.