Владимир Малов, извршен секретар на партијата Единствена Русија во Нова Каховка, почина од повредите здобиени во експлозијата на автомобилот утринава во областа Херсон, потврди Владимир Салдо, рускиот гувернер на окупираниот дел на Херсонската област.
„Денеска околу 09:30 часот се случи експлозија на автомобил во градот Нова Каховка. Во болница во тешка состојба е пренесен извршниот секретар на локалната секција Владимир Малов, роден 1957 година. Се утврдуваат околностите на инцидентот“, објави рускиот пратеник Игор Кастјукевич, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.
Салдо на својот канал на Телеграм рече дека инцидентот е терористички напад, истакнувајќи дека на местото на настанот работат итните служби и полицијата. „Злосторството ќе биде расветлено, а сторителите ќе одговараат“, нагласи тој.