
На европските берзи во средата во претпладневното тргување преовладува негативно расположение, поттикнато од падот на цените на акциите на банките, откако HSBC ги разочара инвеститорите со минатогодишната заработка.
Паневропскиот индекс STOXX 600 во првиот дневен пресек на тргувањето беше во минус од 0,3 отсто, а најголем губитник беше банкарскиот сектор со просечен пад на цената од еден отсто. Истовремено, лондонскиот Ftse индекс се намали за 0,64 отсто, на 7.669 поени, а париски CAC за 0,01 отсто, на 7.794 поени. Франкфуртски DAX, пак, беше во благ плус, за 0,03 отсто, на 17.073 поени.
Најголем губитник беше акцијата на британската банка HSBC, со пад на цената од 7,2 отсто, нејзина најголема дневна процентуална загуба од март 2020 година. Имено, инвеститорите беа разочарани од рекордната заработка на најголемата европска банка во 2023 година од 30,3 милијарди долари, што е дури 78 отсто повеќе од претходната година, бидејќи очекуваа дека нејзината заработка ќе надмине 34 милијарди.
Цената на акцијата на „Glencore“ падна позначително, за 4,1 отсто, поради послабите од очекуваните финансиски резултати на рударската компанија.
Во текот на денот инвеститорите очекуваат нови насоки од објавувањето на европскиот индекс на доверба на потрошувачите во февруари, а се чека и објавување на записникот од последната седница на американската централна банка во потрага по сигнали за натамошното движење на каматните стапки. .
На токиската берза индексот Никеи во средата загуби 0,26 отсто, на 38.262 поени.