Разочарувачките податоци од Кина ја спуштија цената на нафтата кон 92 долари

Цените на нафтата на меѓународните пазари во понеделникот се спуштија кон 92 долари за барел, откако кинеските податоци покажаа послаба побарувачка во септември поради строгата политика на сузбивање на Covid-19.

На лондонскиот пазар цената на нафтата во попладневното тргување беше пониска за 1,17 долари отколку на затворањето на крајот од минатата седмица, лизнувајќи се на 92,33 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 1,40 долари пониска цена, од 83,65 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека денеска барелот на кошницата референтна нафта на нејзините членки во петокот поевтинила за 39 центи, на 92,09 долари.

Трговците денеска се загрижени од податоците за кинескиот увоз на нафта во септември, кој било поголем отколку во август но во однос на минатогодишниот септември паднал за 2 отсто, на 9,79 милиони барели дневно, според податоците на кинеската царинска управа објавени во понеделникот.

„Закрепнувањето на увозот на нафтата во последниот период забавил во септември“, констатираа во белешката за коминтентите аналитичарите на ANZ, толкувајќи дека независните рафинерии не ги искористиле доделените поголеми увозни квоти поради послабата побарувачка во услови на построгите мерки за сузбивање на коронаворусот.

Аналитичарите на ING сметаат дека несигурноста којашто ја создава кинеската политика за нулта толеранција на коронавирусот и кризата во секторот за недвижнини ја поткопуваат ефикасноста на мерките за поттикнување на економијата, иако растот на кинескиот бруто домашен производ (БДП) во третото тромесечје ги надминал очекувањата.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, се обидува да ги закочи цените на горивата пред изборите за Конгресот на 8-ми ноември и минатата седмица најави продажба на преостанатите 15 милиони барели нафта од стратешките резерви, во согласност со иницијативата на Меѓународната агенција за енергија (IEA) која започна во мај. Бајден додаде дека целта му е да ги обнови резервите кога цената на барелот на американскиот пазар ќе биде околу 70 отсто за барел.

Во инвестициската банка „Goldman Sachs“, пак, сметаат дека продажбата на нафтата од резервите веројатно нема во поголема мерка да влијае врз цените. Според нив пласманот на нафтата од резервите веројатно само скромно ќе влијае врз цените на нафтата, за помалку од пет долари по барел.

Американските енергетски компании ги зголемија бројот на активните постројки за дупчење минатата седмица, втора седмица со ред, бидејќи релативно високите цени ги поттикнуваат на поголемо производство, наведе во извештајот за компанијата за енергетски услуги „Baker Hughes“.