Директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов е разрешен од директорската функција, информираше Град Скопје.
Разрешувањето следува откако денеска се пласираше информација во јавноста дека токму во скопската Зоолошка градина биле заклани повеќе од 10 коњи за храна за лавовите.
„Културна, образовна и научна се основните дејности на ЗОО Скопје, а нејзина основна цел е да ги чува, одгледува, да ги презентира живите експонати и да ги направи достапни за пошироката јавност. Личната одлука преземена од страна на директорот не соодветствува со основните заложби за хумано чување и одгледување на животни и за истото мора директорот да понесе одговорност“, соопшти Град Скопје.
Инаку, Стаменов во изјава за Вистиномер даде и свое објаснување за оваа ситуација, на која бурно реагираше јавноста во Македонија.
– Овие животни ни ги даде Агенцијата за одземен имот и станува збор за животни кои не се за употреба. Тие неколку што се здрави, можат да бидат експонат, но другите имаа рани и повреди. Ангажиравме посебно човек, кој ги усмрти животните, имаме таква законска можност. Ни дадоа 16 животни. Знам дека на никој не му е мило за ова, но ние имаме месојадни животни и штом ни се дадени, наше е да процениме дали можат да бидат изложбен експонат или не – вели Стаменов за „Вистиномер“.