Разрешен хрватскиот министер за одбрана кој предизвика сообраќајна несреќа во која загина едно лице, а самиот е тешко повреден

Хратскиот премиер Андреј Пленковиќ го разреши министерот за одбрана Марио Баножиќ, откако во саботата утрото тој предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загина 40-годишен маж, татко на две деца.

Пленковиќ најпрвин изрази сочувство за загинатиот возач на комбе, рече дека му е жал за него и неговото семејство, но и за министерот кој е тешко повреден.

„Изразивме сочувство до семејството на господинот Шариќ. Во контакт сме со сопругата на министерот Баножиќ…. Го разрешив Баножиќ“ рече  Пленковиќ и додаде дека го овластил државен секретар да ја врши должноста министер за одбрана.

„Лицата кои се заштитени лица од втора категорија имаат правило дека можат сами да возат. Тој го управувал своето приватно возило. Одел приватно. Подобро е заштитените лица да ги возат професионалци. Ова беше ситуација кога викендов возел сам и дошло до тешка сообраќајна несреќа… Ќе најдеме начини да му помогнере на семејството на (загинатиот во несреќата Горан) г-дин Шариќ“, рече Пленковиќ.

На новинарското прашање дали се точни информациите што се појавија дека Баножиќ бил на забава синоќа и дали се готови анализите на неговата крв, премиерот рече дека нема информации каде министерот ја минат ноќта пред несреќата.

Инаку државното обвинителство излезе со информации дека хрватскиот министер ја предизвикал несреќата. Констатирано било дека министерот возел од правец на Винковци и почнал да престигнува камион без да провери дали е безбедно, а несреќата се случила кога удрил во комбе кое се движело од спротивнато насока.

„Возачот на комбето загина, додека возачот на автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е пренесен во болницата во Винковци, а подоцна и во Осиек“, додадоа од обвинителството.

Потврдено е дека биле земени примероци од крв и урина за да утврдат присуство на алкохол, но резултатите сѐ уште ги немаат.

Засега не е објавено со која брзина се движел министерот Баножиќ или во која насока ќе оди извештајот. Таа потврди дека двајцата возачи биле врзани и дека имаат еден сведок, возачот на камионот кој бил сослушан.