Разрешен и организацискиот директор на Детската клиника

Министерот за здравство, Беким Сали денес го разреши од функцијата организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди, информираат од ресорното министерство.

Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван, поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување, додаваат од МЗ.

Претходно, од МЗ информираа дека по барање на Министерот за здравство, денес до Министерството за здравство се поднесени оставки од двајца директори на универзитетски клиники. Станува збор за директорката на Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев.