Разузнавањето на САД знаело за бунтот на Пригожин две седмици претходно, но Вашингтон молчел

Американските разузнавачи дознале за плановите на шефот на руската приваната воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин за можно покренување вооружен бунт против рускиот воен врв во средината на јуни, по што веднаш ја известиле Белата куќа и другите државни агенции на САД, објави во саботата весникот The Washington Post повикувајќи се на високи американски функционери.

Според сознанијата на весникот, откако ги добиле разузнавачките информации за претстојниот бунт, американските тајни и специјални служби итно ја известиле Белата куќа, како и другите владини оддели во прв ред Пентагон, Стејт департментот и Конгресот, со цел американската администрација да не биде изненадена од драматични настани во Русија.

„Имаше доволно сигнали за челниците да сфатат дека нешто се случува. Оттаму, мислам дека тие (американската администрација) беа подготвени за тоа, вели еден од соговорниците на весникот.

Притоа се истакнува дека за американските разузнавачи останале нејасни точниот план за настапување кој имал намера да го спроведе Пригожин, како и точниот временски период во кој би го извел.

Истовремено, друг американски дневен весник The New York Times, од своја страна додава дека американските власти одлучиле да не ги објавуваат овие податоци, бидејќи стравувале дека Москва ќе ги обвини за организирање државен преврат. Покрај тоа, забележува натаму весникот, американската страна не сакала да ѝ помогне на руската власта.

Претходно американската телевизиска мрежа CNN објави дека американското разузнавање ги предупредило пратениците во Конгресот за групирање на единиците на паравојската „Вагнер“ во близина на руската граница, што според нив укажувало дека Пригожин веќе известно време се подготвувал да го предизвика воениот врв на Русија.

Останува нејасно, како руските разузнавачки служби не дошле до истите сознанија, и на кој начин до нив дошле нивните американски колеги.

Ноќта од петокот кон саботата, Пригожин во низа објави на платформата Telegram ја обвини руската војска за наводни ракетирања на базите на „Вагнер“ во кои имало „многу мртви“ како и дека со своите единици од Украина се префрлил во Русија и оти со 25.000 борци го заземал штабот на Јужниот воен округ во јужниот руски град Ростов на Дон и дека со околу 5.000 борци го започнал својот „марш на правдата“ кон руската престолнина Москва, на илјада километри, со цел да го собори воениот врв.

Руското Министерство за одбрана категорично ги отфрли наводите за напад на руската војска врз базите на „Вагнер“, а внатрешното разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ) во саботата утрото отвори кривична постапка за Пригожин за делата бунт и обид за предизвикување граѓанска војна во Русија.

Подоцна на нацијата ѝ се обрати претседателот Владимир Путин, кој чекорите на неговиот, според тврдењето на Западот донеодамнешен близок пријател со сомнителни деловни активности Евгениј Пригожин, го обвини за предавство и „заривање нож в грбот“ на рускиот народ и руската држава додека таа се „бори за сочувување на својот интегритет и суверенитет“ во Украина. Путин притоа вети жестоко казнување на сите учесници во вооружениот бунт, а особено на оние кои го организирале.

Во поголемите јужни грдови, како и во главниот град Москва, беше од утрото во саботата воведен режим на противтерористичка состојба, со поставување препреки и блокирање приоди кон градовите. А кон југот беа испратени и единици на руската армија.

Во драматичниот расплет на настаните, проследени со бројни медиумски дезинформации и нејасни вести за судири меѓу платениците и војската чија веродостојност не можеа да ја потврдат светските агенции, во саботата вечерта Пригожин објави дека наредил единците кои според него наводно стасале на 200 километри пред Москва да се вратат во своите бази „за да не се пролее руска крв“.

Како што подоцна потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, белорускиот претседател Александр Лукашенко, во согласниот со рускиот колега по должност Владимир Путин, разговарал со Евгениј Пригожин со кого лично се познава дваесетина години, по што шефот на „Вагнер“ нареди враќање на единиците во нивните бази. За возврат Пригожин ќе добие азил во Белорусија и против него е запрена кривичната постапка, а борците ќе бидат амнестирани од одговорноста и ќе склучат договори со Министерството за одбрана.