Развојната банка на БРИКС планира да финансира 30 проценти во валути од членките

Приоритет на Новата развојна банка (NDB) на блокот познат под акронимот БРИКС е валутите на земјите членки да учествуваат до 30 отсто од финансирањето со цел да се поттикнат инвестициите и да се обезбеди стабилен развој на глобалната економија, рече претседателката на банката Дилма Русефф на пленарната седница на Одбор на гувернерите.

„Американскиот долар често предизвикува нарушувања на финансиските пазари на земјите во развој, така што проширената употреба на локалните валути е еден од главните приоритети за NDB“, рече поранешната бразилска претседателка Русефф на собирот во јужноафрикански Кејп Таун, извести руската новинска агенција ТАСС.

„Донесовме одлука според која до 30 отсто од вкупниот обем на финансирање на банките ќе биде во валути“, додала Русефф која е првата челничка на NDB.

Според неа, целта е вклучена во стратегијата на банката за петгодишниот период од 2022 до 2026 година.

„Земјите во развој се попречени од прекумерниот долг, па повеќе не можат да инвестираат во одржлив развој“, нагласила Русефф, додавајќи дека банката ја истражува можноста за воспоставување дигитални платформи за билатерални плаќања. „Поголемиот удел на локалните валути во финансирањето ќе ги зајакне земјите во развој и ќе ја поддржи стабилизацијата на глобалниот финансиски пазар“, додала таа.

Претседателката на банката со седиште во Шангај, Кина исто така ја истакна потребата од итни реформи во глобалниот финансиски систем. „Постоечката архитектура на глобалниот финансиски систем не е во состојба да реши голем број од денешните глобални проблеми, што доведува до зголемен долг во многу земји“, рече Русефф.

Потребни се итни промени за да се направи глобалниот финансиски пазар постабилен и да може да се почитуваат интересите на постепен развој на светската економија, нагласила челничката NDB. Притоа Русефф се заложила за намалување на нивото на долгот на група земји во развој и за пренасочување на нови ресурси кон воспоставување нова индустриска база, научни истражувања и иновации.

„Нашите банки можат да одиграат голема улога во решавањето на овие проблеми“, посочила Русефф.

Бразил, Русија, Кина, Јужноафриканската Република и Индија ја основаа Новата развојна банка врз основа на меѓувладиниот договор потпишан на шестиот самит на БРИКС во бразилскиот град Форталеза во јули 2014 година. Во моментов има осум членки, вклучувајќи ги Бангладеш, Бразил, Египет, Индија, Кина, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Русија и ЈАР.

Во саботата, Русефф подоцна за новинарите на маргините на деветтата годишна сесија на банката во Кејп Таун изјавила дека е прифатено барањето на Алжир за членство во NDB.

Целта на банката е да финансира инфраструктурни и проекти за одржлив развој во членките на БРИКС и во земјите во развој. Има сопствен капитал од 100 милијарди долари, а од своето основање има одобрено повеќе од 100 проекти со вкупна вредност од повеќе од 34,8 милијарди долари за поддршка на области како што се транспортот, водата, чистата енергија, дигиталната и социјалната инфраструктура, како како и урбаната градба, забележува Reuters.