МЕПСО стави под напон 110 киловатна разводна постројка преку која постоечката трансформаторска станица „Петровец“ директно се поврза со националниот електроенергетски систем.
Со оваа инвестиција во која се вложени над еден милион евра значително ќе се подобри доверливоста на електроенергетскиот систем, напонските прилики и снабдувањето со електрична енергија во четири општини од овој дел на скопскиот регион.
Инвестицијата во опрема за потребите на разводната постројка е над 455.000 евра. Околу 445.000 евра се инвестирани во изградба на разводна постројка и приклучок на преносната мрежа што опфаќа: две далноводни полиња, две трансформаторски полиња, едно поле за подолжно секционирање, командно-контролен објект, сообраќајници и паркинг.
Претседателот на македонската Влада, Никола Груевски, посочи дека новата година ја започнуваат со проекти и многу работа, во насока на подобрување и олеснување на секојдневието на граѓаните.
„Разводната постројка во транформаторската станица „Петровец“ ќе го реши проблемот на голем број жители од околината. Изминативе години бројот на населението во Петровец растеше, а со тоа и потребата од електрична енергија стана поголема. Дополнително, овде беше ставена во функција индустриската зона отворена за инвеститори. Ова го ветивме пред граѓаните, за 6 месеци го изградивме и го исполнивме нашето ветување“, истакна Груевски.
Тој посочи дека продолжуваат силните заложби на македонската Влада за ревитализација на македонските енергетски капацитети.