Затворот Идризово соопшти детали од смртта на Реџаил Ќерими, осуден во случајот „Алфа”. Од оваа установа информираат дека состојбата на затвореникот е влошена синоќа, односно околу 23.40 часот, по што бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, но на пат дотаму починал, односно неговата смрт е констатирана околу 00.10 часот.
„Поголема група затвореници од крилото 9 побараа помош од затворската полиција. На затвореникот Реџаил Ќерими му се влошила состојбата по туширањето, кога паднал врз мијалникот во просторите каде што престојувал”, се вели меѓу другото во соопштението кое го објавија медиуми на албански јазик.
Клан ТВ го објави и целото соопштение пратено од директорот на „Идризово“ Реџеп Реџепи.
За случајот е известен јавен обвинител, а се додава дека Ќерими немал хронични болести, а лекар доаѓал секогаш кога ќе побарал.
Ќерими беше осуден во 2010 година на доживотна затворска казна за случајот „Алфа“, за убиство на еден полицаец Албанец и за ранување на двајца полицајци Македонци во 2008 година на паркингот пред Природно математичкиот факултет во Скопје.
Во судскиот процес се осудени уште две лица на доживотна казна и едно лице на девет години затвор.
Партиите на Албанците се сомневаат дека се фатени вистинските напаѓачи и бараат ново расветлување на овој случај.