Реакција на група студенти, вработени и професори на УКЛО-Битола

група студенти, вработени и професори на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО)-Битола, испратија лично до мене анонимна претставка со реакција и наведуваат „ве замолуваме во име на вашите и нашите деца преземете нешто!“.

Па, во име на она што ни е НАЈСВЕТО – СИТЕ НАШИ ДЕЦА очекувам барем некој од надлежните институции нешто да преземат.

Читајќи ја анонимната реакција од групата студенти, вработени и професори, истата се однесува во однос на:

  • Неправилност во постапката за избор на ректор на УКЛО-Битола од 26.04.2022 година,
  • Непотизам за вработени на семејства на УКЛО-Битола,
  • Наводи за користење на деловен простор со исклучива сопственост на УКЛО-Битола, а надоместокот на истите не го земаат Универзитетот, а не е познато кој зема, како и други прашања.

Пред да преминам конкретно од наводот на реакцијата, би сакал да ги запознаам поднесувачите на анонимната преставка студенти, вработени и професори, како и македонските читатели, дека во повеќе наврати сум пишувал за образовните криминали на овоj Битолски универзитет, и за истите се доставени писмени известувања и до институциите- ДКСК, ОЈО-Битола, Советот на јавните обвинители на Македонија, Управата за финансиски криминал, ДПИ…и  други домашни и странски институции.

Како пример за објавени написи проследете овде:

Непотизмот и распадот на битолскиот универзитет?

Дали УКЛО е фамилијарен бизнис или високо-образовна институција?

А, сега за добиената анонимна реакција од група студенти, вработени и професори во кои наведуваат дека: „…станува збор од највисоко општествено значење – образованието, а истото се девалвира од лични интереси, безочно и грубо се кршат сите законски одредби за тоа како фактор наведуваат за неправилност во постапката за избор на ректор на УКЛО-Битола од 26.04.2022 година. Каде што го наведуваат член 97 од Законот за високо образование со што се регулира постапката за избор на ректор, а во истиот тој член, став 13 е наведено: „Постапката за избор на ректор подетално се уредува со Статутот на универзитетот. Во став 6 од истиот член  одредено е дека Сенатот формира Универзитетска изборна комисија составена од 7 сенатори која ја цени законитоста на условите за изборот на ректор по објавениот конкурс, но како што наведуваат „одговорот е НЕ“ и еве факти: Во Статутот на Битолскиот универзитет, како што наведуваат, кој е објавен на Универзитетот има разлика од Статутот на  Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје….“.

Поконкретно, како што наведуваат подносителите на преставката целокупната постапка за избор на ректор согласно Законот за високо образование (ЗВО), има наводни разлики на Статутот на УКЛО-Битола (во овој дел) со Статутот на УКИМ-Скопје. За ваквата констатација искажана во преставката ги упатувам на увид во Државниот просветен инспекторат (ДПИ), каде што за оваа постапка е извршен вонреден инспекциски надзор, токму во овој дел на избор на ректор на УКЛО-Битола. Воедно, подностелите на преставката ги упатувам и до Законодавниот дом кој е основач на јавните (државни) универзитети во Македонија, со цел да се испитаат донесените Статути и нивните разлики (ако ги има) како што наведуваат подносителите! Воедно подносителите ги упатувам да се обратат  и до Универзитетот во Битола, поконкретно да се обратат до Универзитетскиот совет при УКЛО-Битола, кои има надлежност по член 104 и член 105 од ЗВО, да извршат надзор над извршувањето на дејноста на универзитетот…

Подносителите на преставката, наведуваат, како неспоивост и суштествена повреда во постапката за избор на ректор на битолскиот универзитет, каде што кандидатот-сега ректор, истиот пред да се пријави на Огласот за кандидат за ректор, има регистрирано фирма за изработка на проекти-ИНСТИТУТ и е раководител на проектот и тоа за потребите вклучувајќи ги и Универзитетот и неговите единици. А, тоа е направено како што истакнуваат пред самиот избор, со што се ангажирани повеќе гласачи од единиците (факултетите) кои работаат на одредени проекти за одреден надоместок, што е класичен поткуп. По овој основ, како што наведуваат и за други проекти остварени се прилично големи средства што е надозволиво за раководното место ректор на Универзитетот. Оваа ректорова фирма – Институт и денес функционира.

За професорите, вработените и студентите не им е познато по кои основи избраниот ректор патува во странство за да склучува договори за соработка (Израел, Норвешка, Финска итн.) За неговото патување се одлеваат големи средства од универзитетот, а платите на вработените се намалени. А, единиците на Универзитетот чекаат и се молат да ги добијат одобрените средства од Буџетот, што е за жал истите селективно се делат по наоѓање на „генералниот секретар“ Неновска…

За сето ова наведено од подносителите, ги упатувам да ги запознаат институциите и тоа: ДКСК, Управата за финансиски криминал, Универзитетскиот совет при УКЛО-Битол, ОЈО-Битола и други.

Непотизмот на Универзитетот и единиците (факултети)

Во поглед на непотизмот, подносителите на преставката истакнуваат дека ова е редовна појава како на Универзитетот, исто така и по факултетите. Па така, на Факултетот за Биотехнички науки, каде што синот на професорот Живко Јанкуловски, од овој Факултет е претседател на Сенатот на универзитетот. Истиот прима парични надоместоци по три основи и тоа: „За присуство на ректорската управа, на Колегиумот и како претседател на Сенат или вкупно колку една работничка плата од 12.000 денари“. Неговата сопруга истакнуваат во преставката, прво ја вработиле во административната служба на Високата медицинска школа-Битола, која е медицинска сестра, со завршена Висока медицинска школа, а наскоро треба да ја бираат во наставно звање, и е ангажитрана на Технолошко-техничкиот факултет-Велес и предава медицински предмети.

Сега во тој стил ректорот си го избрал и генералниот секретар на универзитетот, како што истакнуваат подносителите на преставката, кој не ги исполнувал конкурсните услови, бидејќи нема работен стаж, а за која е одлучено на кадровската комисија на СДСМ во Битола, а била човек на министерката за култура Бисера Стојчевска и на „генералниот секретар во сенка“ Николина Неновска. Па, подносителите на преставката прашуваат: Дали може партиски човек да биде генерален секретар на Универзитетот? За ова зошто молчи Трудовата инспекција во Битола или „не е во нивна надлежност“. Како што знаат да одговорат? Почитувани подносители на преставката ве упатувам да побарате одговор од Трудовата инспекција, ДКСК и други институции!.

Како илустрација, поднесувачите на преставката наведуваат дека „генералниот секретар во сенка“ и раководител на секторот за финансии на Универзитетот, покрај нејзе, во единиците ги има вработено својот маж, син, чиј ментор е ректорот, а сега на ред и ќерката на Биотехничкиот факултет-Битола, за област менаџмент, која нема никаква врска со дејноста на Биотехничкиот факултет, каде веќе има вработено од таа област, меѓу кои е и еден од рецензентите Николче Јанкуловски, кој е претседател на Сенатот и како што наведуваат веќе „генералниот секретар во сенка“ му обезбедила уште една плата. За сето изнесено, зарем не е доволно институциите нешто да превземаат или се плашат? Затоа што универзитетот се претвори во приватен  на неколку фамилии!

Само по основ на несоодветно вработување постои одговорност (кривична и материјална), посебно за тие што со врски од Министерството за финансии за одредени лица што е класичен случај на дискриминација во вработувањето.

Изнесеното посебно е општествено штетно, затоа што се вработуваат несоодветен кадар и се избираат во наставно-научни звања несодветни лица на несодветни факултети без исполнетост на условите ( просек, научни трудови и тн.) и затоа предаваат несоодветни области, бидејќи магистрирале и докторирале на една област, а предаваат друга област со што директно се одразува врз образованието на студентите.

Така, како пример да се земе вработените во ректоратот, конкретно Ректорот има завршено машинство, а предава компјутерски науки, проректорот Горан Илиќ има завршено Политички науки со просек 7 (седум), а предава Уставно право и денес е проректор за наука на Универзитетот. Замислете ја оваа иронија, претседателот на Сенатот Николче Јанкуловски навистина има Економски факултет, но во продолженија, дел во Скопје, каде не можел да дипломира, но затоа татко му го префрлил во Прилеп и дипломира со просек „собран од неговиот татко“. Затоа повеќе од овие не одржале едно предавање од 45 минути, истите ги држат нивните демонстратори, асистенти, а тоа може да се провери, истакнуваат студентите.

Посебно зачудува како што наведуваат поднесувачите на преставката, како може една „врвна“ институција, како што е Одборот за акредитација, каде членови се и академици да даваат акредитација на наставници да предаваат наставни области кои не се од областа, а истите немаат врска од областа. Па, така бил случајот со Високата медицинска школа, Педагошкиот, Биотехничкиот, ФИКТ и други факултети, што е лесно проверливо.

Корупција

Ајде нешто и за класичниот случај корупција, што го знае цел Универзитет и цела Битола и пошироко. Во градот, кафичот по име АУРУМ, кој го користи зетот на поранешниот министер Шундовски. Еден дел од деловниот простор е исклучива сопственост на Универзитетот, со површина од 1.400м2 го користи овој кафич. Тој се наоѓа во центарот на градот и е во близина на Студентскиот дом и факултетите. Заработувачката е баснословна. Надомест за овој деловен простор универзитетот не наплаќа, а кој ги зема? Вие треба да одговорите? Ова се случува и со најголемото стовариште во градот на познат бизнисмен во градот кое се наоѓаше во дворот на Биотехничкиот факултет. Надомест Универзитетот за земјиштето не земаше, иако е во негова сопственост, а не е познато кој ги земаше? Сопствениците на овие две недвизжности запрашани, изјавуваат дека се плаќа надомест. Тоа потврдува дека, некој илегално се богати на сметка на универзитетот.

До каде е  постапка на ДКСК и ОЈО-Битола 

Почитувани претседатели и членови и обвинители, со оглед на фактот дека сте запознати со поднесените Кривични пријави за спречување на корупцијата против поранешниот ректор Сашо Коруновски и шефот на финансиите на универзитетот Николина Неновска, јавно ве прашувам до каде е постапката? Ова го бараат професорите на УКЛО и вработените во ректоратот.

Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е покрената постапка бр.12-3885/2 од 22.08.2023 година, со барање до Универзитетот УКЛО-Битола-за ректорот Игор Неделковски, надлежно постапување и доставување информации до ДКСК. И постапката е во тек… Од страна на ОЈО-Битола, за оваа кривична пријава нема ништо ново. Сигурно постапката е во тек? Очекуваме разрешница за целокупните образовни и други криминали!

ВО ИМЕ НА НАШИТЕ ДЕЦА И НИВНИОТ ПРОСПЕРИТЕТ И РАЗВОЈ!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес