Македонскиот Дипломатски Синдикат, МДС, најостро реагира и го осудува чинот на распишување на огласи за упатување во странство на повеќе од петнаесет дипломати во постизборен период, односно на само десетина дена пред стапување на должност на нов Министер за надворешни работ, соопштија од МДС.
Доколку се земе во предвид дека постапката за упатување на дипломати во странство трае од еден до три месеци, со цел подготовка на избраните дипломати за предметната мисија, станува целосно нејасно која е целта на еден ваков чекор во овој транзиционен период. Синдикатот смета дека постапката е ниту политички коректна но пред се не е коректно кон колегите кои евентуално би биле избрани на еден ваков оглас со што би се довеле во незавидна положба.
Потсетуваме дека ваков обид за масовно упатување на дипломати беше направен и во предизборниот период кога само острата реакција на МДС придонесе огласот да се суспендира и со тоа се спречи флагрантно кршење на Изборниот закон.
Со оглед на фактот дека крајната одлука за најсоодветни кадровски решенија во дипломатско конзуларните претставништва ги носи Министерот за надворешни работи, МДС смета дека овој оглас е политичка манипулација на Министерот во заминување со цел да се остават отворени проблеми на новото раководство. Со оглед на горенаведеното, МДС целосно ќе се изземе од учество во процедурите за избор на овие спорни огласи, велат од таму.