Кошаркарската федерација (КФСМ) по едномесечна пауза денеска првпат, официјално, до членовите на Управниот одбор, го изнесе својот став за суспендираното првенство, кое, според нив, треба да заврши – без прогласување шампион и без испаѓање.
На ова остро се противи лидерот на табелата МЗТ Скопје Аеродром.
Без разлика што е во ек на пандемија со коронавирусот, кога сите сили ни се насочени кон борбата против невидливиот непријател, во која се вклучи и нашиот клуб со финансиска донација и со откажување од парите кои ни следуваат од државата, не може, а да не се почувствуваме повредени, па дури и навредени од размислувањето на господинот Перо Антиќ и неговите соработници, а до кое е дојдено со помош на нивните советници и „коалициски партнери“. Предлогот содржи неколку небулози и правно неиздржани работи, кои, ако се усвојат, сигурно ќе им донесат и покани за на суд.
Прво што не ни е јасно е зошто не се прогласува шампион. Одиграни се 17 кола, што е повеќе од 60% од предвидениот број средби за регуларниот дел од сезоната. МЗТ Скопје Аеродром, без разлика што играше на два силни фронта со по две средби неделно и со многу далечни патувања помеѓу, има јасна предност од две победи пред конкурентите, а сите тимови имаат еднаков број одиграни средби. Вакви ситуации имаше во поголем број европски држави, кои без никаква дилема лидерот го прогласија за шампион, а меѓу нив се и редовни учесници на Европските првенства како Полска, Литванија, Летонија, Украина, Белгија и БиХ. Секако, имаше и такви кои прекинаа и без прогласување шампион, но тоа најчесто беше поради тоа што одредени тимови не играа во првиот дел од домашниот шампионат (Словенија, а најверојатно и Србија), како и поради тоа што сите немаа одиграно исто број средби (Хрватска), стои во реакцијата на МЗТ Скопје.
Понатаму во соопштението на тимот од Аеродром се вели:
Второ што ни боде очи во ставот на КФМ е нелогичноста околу крајниот пласман, кој, според нив, е доволно добар да биде користен при поделбата на спортските ваучери за 2021 година, ама не е добар за прогласување шампион. Зошто? Која е разликата? Ако се важи пласманот за едно, тогаш тоа треба да се случи за сѐ, вклучувајќи го и делот што, очигледно, им боде очи на Антиќ и неговите соработници и „коалициски партнери“. Кому му пречи МЗТ Скопје Аеродром да биде прогласен за првак, во јасна ситуација, со 60% и повеќе одиграни средби од регуларниот дел од сезоната и убедлива предност пред конкурентите.
МЗТ Скопје бара да се преиспита предлогот на КФСМ и само со една одлука да не се поништува цела досегашна сезона и средствата што ги потрошија тимов.