По изјавите на Рамуш Харадинај за референдум за обединување на Косово со Албанија, реагираше руската амбасада во Албанија, нарекувајќи ги овие изјави провокација.
„Ова е уште една провокација, вмешана во идеологијата за Голема Албанија, која неодамна напредуваше сè поинтензивно во регионот и директно го загрозува територијалниот интегритет на балканските држави“, напишаа од Амбасадата.
Пред неколку дена, Рамуш Харадинај изјави дека за натамошен развој на Косово на меѓународна сцена како опција го гледа и референдумот за национално единство.
„И покрај тоа што ја имаме нашата евроатлантска ориентација, ние не сме без опција, доколку оваа ситуација на Косово продолжи со тенденција да трае бесконечно. Следната опција ќе биде референдумот организиран за наше обединување со Албанија, бидејќи нема да стоиме со скрстени раце“, изјави Харадинај.