Нападите што САД, Велика Британија и Франција ги извршија рано изутринава врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемискио оружје во градот Дума, наидоа на поделни рекации во светот.
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека извршените „координирани и прецизни напади“ имале за цел да го намалат капацитетот на сирискиот режим за производство на хемиско оружје и негова употреба.
Според Меј, целта на акцијата не била мешање на западните земји во граѓанската војна во Сирија или смана на сирискиот претседател Башар ал-Асад од власта.
– Го сторивме тоа затоа што сметаме дека тие акции се во национален интерес на Велика Британија. Не можеме да дозволиме употребата на хемиско оружје да стане нормална работа во Сирија, на улиците во Велика Британија или каде било на друго место во светот, порача Меј.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција се вклучила во операцијата во Сирија затоа што не може да „толерира банализирање на употребата на хемиското оружје“.
– Нападите се ограничени на капацитетите на сирискиот режим, кои му овозможуваат производство и употреба на хемиско оружје, порача Макрон.
Според него, нема никаков сомнеж дека „сирискиот режим е одговорен за смртта на десетици мажи, жени и деца при хемискиот напад во Дума на 7 април“.
– Црвената линија, што Франција ја постави во мај 2017 година, беше премината. Затоа наредив француските вооружени сили минатата ноќ да се вклучат во меѓународната операција насочена против незаконскиот хемиски арсенал на сирискиот режим, додаде Макрон.
Шефот на француската диплматија Жан-Ив Ле Дријан пак порача дека воената операција на САД, Велика Британија и Франција „била легитимна“, затоа што „хемиската ескалација во Сирија е непрфатлива“.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги поддржа, како што нагласи, „прецизните напади“ на САД, Велика Британија и Франција во Сирија.
– НАТО ги поддржува активностите на САД, Велика Британија и Франција против објектите за хемиско оружје на сирискиот режим. Тие акции ќе ги ограничат капацитетите на режимот да врши други напади со хемиско оружје врз народот на Сирија, наведува Столтенберг во писмено соопштение.
Според него, НАТО од секогаш ја осудувал употребата на хемиско оружје од страна на сириските власти, со што јавно се кршат меѓународните норми и договори.
Турското Министерство за надворешни работи го поздрави „соодветниот одговор“ на САД, Велика Британија и Франција врз објектите на сириската Влада.
– Таа операција е одговор на целото човештво по нападот во Дума. Се укажува на тоа дека овој напад е извршен од сирискиот режим, се додава во соопштението на турското Министерство.
Израелската Влада ги поздрави нападите на трите западни земји, оценувајќи дека тие претставуваат „важен сигна“ за Иран, Сирија и либанската екстремистичка група Хезболах.
– Со употребата на хемиско оржје се преминува црвената линија, која човештвото повеќе не може да ја толерира, напиша на Твитер членот на Кабинетот за безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Јоав Галант.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека внимателно ги следи извештаите за денешните напади на САД, Велика Британија и Франција, потенцирајќи дека сите земји се должни да дејствуваат во рамки на Повелбата на Светската организација и меѓународното право.