Нешто што долги години се занемарувало, во кое не се инвестирало, не навреме се правело планови за потреба на персонал итн, не може во еден ден да се поправи. Ова меѓу другото се наведува во писмото на доктор Светлана Темелковска, специјалист радиолог која како реакција на последните случувања испрати писмо како реакција.
Таа во писмото каде се претставува како обичен доктор специјалист емотивно раскажува за трагедиите кои се случија, но застанува во одбрана на реформите спроведени во здравството изминативе години.
Во продолжение ви го пренесуваме нејзиното писмо во целост:
Со тешки чекори одев кон работа во понеделникот. Ретко се случува, си ја сакам работата и совесно ја вршам, но лошо се чувствував поради прераната смрт на една жена и едно дете. Иако јас лично немам направено ништо лошо, фактот што колега, кој ја носи истата работна униформа – бел мантил, ја прекрши Хипократовата заклетва и законот. Последиците на неговата грешка беа толку страшни. И покрај тоа што веројатно истиот ден јас во амбуланта „спасив“ една жена, не ја поправа неговата грешка.
Очигледно постојат некои кои не ја вршат својата работа согласно закон и пропис, и тоа мора да запре. Одговорноста е на сите нас. Одговорност треба да сносат и колегите кои не го опоменале а можеби знаеле дека има проблем со алкохолот. Неговиот шеф, директорот, инспекторите од надлежните институции, лекарска комора… Но, мора и да се најде конструктивен начин и решение како вакво нешто никогаш веќе да не се случи.
Јас лично немам никаква врска со случајот, но чувствувам одговорност и огромна тага. Мојата работа е да најдам карцином на дојка во рана фаза којшто може да се излечи. Од април оваа година, со Министерството за здравство започнавме Национална програма за преглед на навидум здрави жени без симптоми на рак (т.н. скрининг) во соработка со радиолози во здравтсвените установи во Македонија. Само на нашата клиника најдовме 4 случаи на карцином кои инаку немаше да бидат пронајдени, со други зборови, продолживме 4 човечки животи. Во изминативе месеци имаше огромен напредок во работењето на раното откривање на рак на дојка како најчесто малигно заболување кај жената, од проверка и поправка на апарати за мамографија, набавка и инсталирање на 6 нови мамомати, обука на персоналот, сè до поврзување со софтверскиот систем „Мој термин“.
Овој бел мантил и ова министерство и тимот во „Мој термин„ направи огромен чекор напред за рано откривање на рак на дојка како најчесто малигно заболување кај жената. Уште многу, многу работа ни претстои.
Дали има „проблеми„ во здравството? Да, имало, има и ќе има. И во Македонија но и во САД, Шведска итн. Не сум политичар ниту новинар, ниту економист, ниту аналитичар. Јас сум лекар специјалист. Работам долги години. Ги знам проблемите во здравството. Но знам и какво беше, какво е сега и какво треба да биде. Знам какво е здравството во други земји од прва рака и како пациент и како лекар. И знам колку време и работа а и пари требаше да тоа здравство таму стане едно од најдобрите. Исто знам дека нешто што долги години се занемарувало, во кое не се инвестирало, не навреме се правело планови за потреба на персонал итн, не може во еден ден да се поправи.
И покрај тоа што со мојот шведски пасош (да, јас сум една од тие со два пасоши) можам да работам во друга земја, и покрај проблемите, и покрај се, во понеделникот беше мојата амбуланта полна со пациенти и сфатив дека токму тука треба да бидам.