Министерството за здравство најостро реагира за денешната прес-конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во која се изнесени бројни невистини, се вели во реакцијата на наводите од опозицијата.
„Во однос на обвинувањата дека во Министерството за здравство има сомнителни набавки, сакаме да ги потсетиме ВМРО-ДПМНЕ за одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во која се вели дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот со јавните набавки во Министерството за здравство. Ова е и доказ дека нема сомнителни тендери“, се наведува во реакцијата.
Се додава дека согласно членот 76 од Законот за јавните набавки Договорниот орган може, по донесување на одлуката за јавна набавка, а пред објавување на огласот за јавна набавка, да спроведе технички дијалог со економските оператори.
„Со самото тоа што Министерството за здравство објавило технички дијалог и овозможило секој економски оператор да даде свои мислења и коментари, може да се види отвореноста и транспарентноста на самата постапка, иако Законот за јавни набавки дава можност да не се спроведе техничкиот дијалог“, тврдат од ресорот.
Појаснуваат дека во ова фаза на постапката (технички дијалог), 4 (четири) економски оператори доставиле коментари и предлози во однос на тендерската документација и истите се разгледуваат од страна на стручни лица. Притоа потенцираат дека не е отворена јавна набавка за мамографи.
„Од причина што постапката сѐ уште не е отпочната/објавена на ЕСЈН самите понудувачи немаат можност да поднесуваат понуди, поради што се поставува прашањето како би можело Министерството за здравство да фаворизира некој економски оператор кога постапката не е објавена, односно не е завршен техничкиот дијалог, кога немаме конечна тендерска документација, која се објавува по завршување на техничкиот дијалог во кој ќе бидат јасно наведено што се прифаќа, а што не од коментарите и барањата од економските оператори кои што учествуваа во истиот. Министерството за здравство, Ви стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста, кои внесуваат забуна, паника и се на штета на пациентите“, се заклучува во реакцијата.