Градоначалникот Тони Трајковски со жителите на населеното место Камник, како и со жителите на улица 5 и 6 во изминатиот период имаше неколку средби на лице место, на кои средби се разговараше за приоритетите и заеднички се планираа активностите, реагираше Општина Гази Баба на пресот на претставникот на СДСМ кој тврдеше дека споманатата населбе е запоставена.
„Жителите од овие две улици прво побараа да се реализира проектот за атмосферската канализација, а потоа да се асфалтираат истите. Како резултат на заеднички договорените активности, деновиве се започна со асфалтирање на улиците“, се истакнува во реакцијата.
Се додава дека и покрај тоа, советниците од советничката група на СДСМ Гази Баба, наместо да помогнат во реализацијата на проектите на општината, правеле опструкции и пред жителите од овие улици предлагаат несоодветни решенија, за наводно решавање на проблемот.
Од Општина Гази Баба потстуваат дека „загрижените“ членови на Советот од СДСМ кога се гласало за Програмата во која биле ставени улиците од населеното место Камник, и кога се гласало за донесувањето на буџетот на општината, гласале „против“ , а сега презентираат дневна политика и како и на државно така и на локално ниво, продолжуваат да ги опструираат проектите, по можност и да ги стопираат, се со цел да направат умилкување на граѓаните и прибирање поени во период пред локалните избори.
Градоначалникот Трајковски, со цел да не бидат доведени во заблуда и манипулирани граѓаните, закажа средба со жителите од населеното место Камник за понеделник во 11 часот, на кој ќе бидат договорени натамошните заеднички активности, се порачува во реакцијата на општината Гази Баба.