Реал бесплатно ѝ го отстапи Јовиќ на Фиорентина

Српскиот репрезентативен напаѓач на Реал Мадрид, Лука Јовиќ, доби дозвола од сегашниот клуб за бесплатен трансфер во италијанска Фиорентина, иако му останаа уште три години од договорот со „кралскиот клуб“, објави италијански Sky Sport.

За 24-годишниот фудбалер, Реал во 2019 година на франкфуртски Ајнтрахт му плати отштета од 63 милиони евра, но Јовиќ во дресот на шпанскиот великан одигра само 51 натпревар и постигна само три погодока.

Јовиќ една полусезона, минатата 2021 година, мина на позајмица во Ајнтрахт, но ниту по враќањето во Мадрид не најде постојано место во составот. Така минатата сезона одигра 19 натпревари во сите натпреварувања, односно вкупно 549 минута и постигна еден погодок.

Српскиот репрезентативец би требало во саботата да изврши лекарски прегледи во Фиренца и пота да потпише двогодишен договор со можност за продолжување за уште две години. Реал, според договорот меѓу двата клуба, би имал право на 50 отсто од отштетата доколку Фиорентина се реши да го продаде Јовиќ на трет клуб.