Реал без ниеден шпански играч меѓу стартерите поразен кај Вилјареал

Фудбалерите на актуелниот европски првак мадридски Реал доживеаја пораз од 1:2 на гостувањето кај Вилјареал во рамките на 16-то коло од шпанската Примера.

Овој натпревар ќе остане запаметен и по фактот што во почетната постава на Реал по многу долго време немаше ниеден шпански фудбалер.

По првиот дел кој заврши со мирување на мрежите, водството на Вилјареал во 47 минута го оствари Јереми Пињо на асистенција на Жерар Морено. Тринаесет минути подоцна израмни од пенал Карим Бензема, но во 67 минута ново водство, а како што се покажа и победа, исто така од пенал за домашните донесе Морено.

Реал Мадрид остана второпласиран со 38 бодови, исто колку што има и Барселона којашто во недела во вечерниот термин од 21 часот му гостува на четвртопласираниот Атлетико Мадрид кој има 27 бодови колку што сега има и петтиот Вилјареал со меч повеќе.