
Во големото дерби на шпанската престолнина Реал со 2:1 како гостин на „Метрополитано“ го совлада Атлетико, впишувајќи ја шестата првенствена победа сезонава со која се врати на врвот на Примера.
Ова беше шеста победа на „Кралевите“ во првенството, покрај победата во европскиот Суперкуп и двете победи во Лигата на шампионите, од вкупно деветте средби од почетокот на сезоната.
За Реал стрелци беа Родриго во 18 и Федерико Валверде во 36 минута, додека за Атлетико поентираше Марио Ермоз во 83 минута, а подоцна во судиското продолжение беше исклучен.
Родриго погоди во 18 минута откако беше одлично проигран од Аурелиан Тчуамени. Атлетико можеше да израмни во 25 минута, кога од 20 минута одлично шутираше Антоан Гризман, кој првпат сезонава беше стартер, но Тибо Куртоа фантастично одбрани. Реал го удвои водството во 36 минута по прецизната акција што ја поведе капитенот Лука Модриќ, кој одигра двојно додавање со Винициус Жуниор кого го исфрли во простор, а овој откосо силно шутираше. Домашниот голман Јан Облак ја одби топката во стативата на којашто натрча Валверде за 2:0. Атлетико малку надежи доби во 83 минута откако Ермозо погоди по нафрлувањето од корнер на Гризман, но во првата минута од судиското продолжение го доби и вториот жолт картон.
Реал со оваа победа ја продолжи серијата добро резултати кај Атлетико, и на последните осум гостувања на „Метрополитано“ забележа три победи, четири ремија и само еден пораз минатата година.
Реал е прв со 18 бодови, два повеќе од Барселона и три од Реал Бетис. Атлетико осана на 10 бодови и е седми на табелата.
Во претходно одиграниот дуел Вилјареал и Севилја одиграа 1:1 со што гостите од Андалузија осана на само една првенствена победа.
Во 8 минута Севилја поведе со голот на Оливер Торес, а домашните ја ефектуираа иницијативата во 51 минута преки Алекс Баено, До крајот и двете екипи создадоа повеќе одлични шанси, но резултатот не се смени.
Вилјареал е шесто со 11 бодови, а Севилја е 15-та со разочарувачки пет бодови.
Петтата победа сезонава ја оствари Реал Бетис кој на домашен терен во Севилја ја совлада Жирона со 2:1. Повторно најдобар кај Бетис беше Борха Иглезијас кој со шест погодоци е втор стрелец во лигата. Ги постигна двата погодока и тоа откако Жирона водеше по 7 минута со голот на Мартинез. Прво Илгезијас израмни од пенал во 15 минута, а тимот го однесе на третото место на табелата со погодокот во 71 минута. Жирона остана на седум бодови и на 11-то место.
Со истиот резултат Реал Сосиедад дома го совлада Еспањол. Стрелци за клубот од Сан Себастијан беа Норвежанецот Сорлог во 17 и Браис Мендез во 29 минута, а за гостите од Барселона голот го постигна Експозито во 19 минута.
Реал Сосиедад е осми со 10 бодови, а Еспањол е на 17-то место со само четири бодови.