По Манчестер Сити и РБ Лајпциг, во осминафиналето на Лигата на шампионите бо средата се пласираа и Реал Мадрид, Баерн Минхен, Интер и Реал Сосиедад.
Реал Мадрид ја победи Брага со 3:0 во натпреварот од Ц групата на својот „Сантијаго Бернабеу“ благодарение на одличното издание на Винисиус Жуниор кој постигна гол и впиша две асистенции. Со четвртата победа „Кралскиот клуб“ се зацврсти на првото место на табелата во групата, обезбедувајќи го пласманот во следната рунда. За Реал погодија Брахим Дијаз во 27, Винисиус Јуниор во 58 и Родриго во 61 минута.
Сепак, којзнае како ќе се одвиваше натпреварот доколку гостите го реализираа пеналот уште во четвртата минута. Лукас Васкез го повлече Кристијан Борха во шеснаесетникот, а турскиот судија Халил Умут Мелер покажа на белата точка. Алваро Џало шутираше, но Андриј Лунин одлично одбрани. Во 12 минута го видовме првото големо возбудување пред спротивниот гол и веднаш погодок на Реал. Брахим Дијаз постигна гол, но погодокот беше поништен бидејќи Винисиус направи прекршок во нападот. Во 27. минута сѐ беше чисот, Винисиус се проби по левата страна испраќајќи ја повратната топка до Дијаз кој погоди за водство на мадриѓаните. Реал направи голем чекор кон победата во 58. минута кога асистентот за првиот гол стана стрелец на вториот. Лукас Васкез одлично му додаде на Винисиус кој се ослободи од голманот и потоа погоди за 2:0. Само три минути подоцна сѐ беше готово. Винисиус забележа уште една асистенција, а голот го постигна Родриго кој убаво го префрли гостинскиот голман Матеус.
Во првата средба од оваа група, Наполи и Унион Берлин одиграа 1:1, а германскиот тим конечно избегна пораз откако загуби дури 12 натпревари во низа, заедно во Бундеслигата, Германскиот куп и Лигата на шампионите. Наполи поведе во 39. минута со голот на Матео Политано, а израмни Давид Фофана во 52. минута. До крајот Наполи се обидуваше да дојде до вториот гол и да ги комплетира трите бода, но не успеа.
Реал води на табелата со 12 бода. Наполи има седум, Брага три, додека ова беше прв бод за Унион Берлин.
Пласман во осминафиналето обезбеди и минхенски Баерн во групата А.
Баварците дома го победија Галатасарај со 2:1, а сите три гола дојдоа во последните 10 минути. Баварците долго го „кршеа“ турскиот тим, а поведоа во 80. минута со голот на Хари Кејн. Шест минути подоцна, англискиот напаѓач ја затвори приказната погодувајќи за 2:0. Кејн можеше да постигне гол во 53. минута, но ја погоди стативата. Турците го ублажија поразот во третата минута од судиското надополнување со голот на Седрик Бакамбу.
ФК Копенхаген и Манчестер Јунајтед одиграа одличен натпревар со дури седум гола и голем број шанси на двете страни, а на крајот домаќинот победи со 4:3, иако гостите имаа 2:0. Јунајтед поведе со два погодока, но потоа остана со играч помалку, што домаќините го искористија за да израмнат до полувремето. „Црвените ѓаволи“ повторно поведоа во преостанатиот дел од мечот, но Копенхаген постигна уште два гола до крајот на мечот за голема победа.
„Црвените ѓаволи“ поведоа уште во втората минута. Скот Мектоминеј впиша убава асистенција за Расмус Хојлунд да постигне гол за клубот во кој ја започна својата сениорска кариера. Натпреварот беше накратко прекинат по 15 минути игра, бидејќи на тревникот на стадионот „Паркен“ втрча навивач со палестинско знаме, но брзо беше отстранет од теренот и натпреварот продолжи. Хојлунд немаше милост кон својот поранешен клуб, во 28. минута го постигна вториот гол на натпреварот. Алехандро Гарначо шутираше, Камил Грабара одбрани, а данскиот напаѓач ја смести одбиената топка во мрежата. Еден од клучните моменти на натпреварот се случи во 42. минута кога беше исклучен Маркус Рашфорд. Интересно е тоа што судијата Донатас Румшас не го казни прекршокот, но по прегледувањето на видео снимката го отстрани од теренот напаѓачот на Јунајтед поради газење на противнички играч. Само три минути подоцна домашните ја намалија негативата, а погоди Мохамед Ељунуси. Судијата го продолжи полувремето за цели 13 минути, а во деветтата минута од судиското надополнување домашните успеаја да израмнат од пенал кој го скриви Хари Мегваер играјќи со рака. Диого Гонкалвес сигурно стрелаше за 2:2. Во 69. минута и гостите добија пенал за играње со рака. Бруно Фернандеш беше прецизен за 3:2. Сепак, до крајот на натпреварот Данците го свртеа резултатот со головите на Лукас Лерагер во 83. и Руни Бардгји 87. минута и останаа во игра за пласман во втората фаза.
На табелата води Баерн со 12 бодови, Копенхаген и Галатасарај имаат по четири, а Јунајтед е последен со три бода.
Арсенал ја победи Севиља со 2:0 во мечот од групата Б во Лондон, со што направи голем чекор кон пласман во второто коло. „Топчиите“ по половина час игра ја разбија одбраната на Севиља. Жоргињо ја „проби“ одбраната на гостите испраќајќи одлична топка по крилната позиција до Букајо Сака, кој ја додаде пред голот до Леандро Тросард, кому не му беше тешко да ја пронајде мрежата. На 2:0 зголеми Сака во 64. минута.
Во вториот натпревар ПСВ Ајндховен го победи Ланс со 1:0. Холанѓаните брзо поведоа. Во 12. минута Јохан Бакајоко нафрли, а Луук де Јонг со глава погоди за 1:0. Ланс можеше да израмни во 43. минута, но Деивер Мачадо шутираше лошо. Во последните моменти од мечот Ланс ја погоди и стативата, Нил Ел Ајнауи шутираше, но ја погоди рамката од голот.
Арсенал води со девет бода, ПСВ и Ленс имаат по пет, а Севиља два бода.
Во групата Д пласман во осминафиналето со победи го обезбедија Интер и Реал Сосиедад.
Интер на гостински терен го победи РБ Салцбург со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Лаутаро Мартинез во 86. минута од пенал.
Во првиот натпревар Реал Сосиедад ја совлада лисабонска Бенфика со 3:1 во Сан Себастијан. Домашните го решија прашањето на победникот во воведните дваесет минути. Имено, толку време им требаше на домашните да постигнат три гола. Најпрвин Микел Мерино погоди со глава во шестата минута за 1:0, потоа Микел Ојарзабал ја искористи грешката на гостите во 11. и зголеми на 2:0, додека најубавиот гол беше постигнат во 21. минута. Тогаш сѐ сам стори Баренечеа, кој откосо прецизно и силно погоди во спротивниот агол за 3:0. Бенфика можеше и полошо да настрада во првите 45 минути кои домаќините ги одиграа како во транс. Еден гол на Реал Сосиедад беше поништен, додека во 29. минута Браис Мендез промаши пенал за 4:0. Потоа Бенфика го намали резултатот со голот на Рафа Силва во 49. минута.
Бенфика со овој пораз загуби секаква шанса за осминафиналето, оставајќи само можна борба за третото место и палсман во Лигата на Европа. На табелата Реал Сосиедад и Интер имаат по 10 бода, РБ Салцбург има три, додека Бенфика нема освоено ниту еден бод.