Лидерот на шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид би можел да доведе нов дефанзивец во текот на зимскиот преоден рок, откако дефанзивецот 31-годишниот Давид Алаба во неделата вечерта тешко се повреди, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
„Во однос на пазарот…ќе видиме во наредните денови дали нешто може да се направи“, рече Анчелоти на прес-конференцијата по натпреварот.
Реал Мадрид до крајот на сезоната ќе биде без австрискиот репрезентативец Алаба, кому му беше констатирана руптура на вкрстените лигаменти на левото колено. Дефанзивецот го напушти теренот по половина час од натпреварот против Виљареал поради болки.
Клубот така остана со само двајца централни дефанзивци, Нача Фернандез и Антонио Рудигер, што не му е доволно за да продолжат да се натпреваруваат во првенството, купот, Суперкупот и Лигата на шампионите. За две седмици започнува зимскиот преоден рок.
„Никогаш не сум имал тројца играчи да ги скинат вкрстените лигаменти за четири месеци, неверојатно“, изјави Анчелоти, кој водеше клубови во Италија, Англија, Франција, Германија и Шпанија од 1995 година.
Поради повреда на вкрстените лигаменти отсуствуваат и централниот дефанзивец на Реал, Едер Милитао и голманот Тибо Куртоа.
„Не можеме ништо друго освен да издржиме, како што направивме досега. И покрај тоа, постигнавме повеќе отколку што некој очекуваше“, истакна тренерот на „Кралевите“.
Реал Мадрид во неделата навечер го победи Виљареал со 4:1 и со тоа го презеде врвот во шпанското првенство. Минатата седмица се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампионите, победувајќи на сите шест натпревари во групата против Наполи, Брага и Унион Берлин.
Анчелоти го пофали хрватскиот играч за врска Лука Модриќ за добро одиграниот пресинг на дефанзивците на Виљареал и асистенцијата за голот на Џуд Белингем. Еден гол постигна и самиот Модриќ.
„Тоа беше сосема добро одигран натпревар од целиот тим, чиј колективен придонес беше извонреден“, заклучи Анчелоти.