Реал Мадрид ги крена цените на влезниците на рекордно ниво

Европскиот фудбалски шампион Реал Мадрид ги зголеми цените на влезниците на рекордно високо ниво откако минатиот месец ја донесе француската ѕвезда Килијан Мбапе.

За десет дена Реал Мадрид ќе му биде домаќин на Ваљадолид во првиот домашен натпревар оваа сезона, а за да го гледате 25-годишниот напаѓач треба да потрошите меѓу 95 и 210 евра. Ваљадолид летово се врати од втората лига, а за меч против ваков ривал на „Сантијаго Бернабеу“ минатата сезона требаше да се издвојат најмалку 55 евра.

Долгоочекуваниот Мбапе пристигна како слободен играч откако му истече договорот со францускиот ПСЖ. Реал Мадрид не ја откри неговата плата, но секако е меѓу највисоките.

„Кралскиот клуб“ кој во средата навечер го освои европскиот Суперкуп со победата од 2:0 над италијанска Аталанта, оваа сезона настапува во седум натпреварувања. Полн со меѓународни ѕвезди, како што се 21-годишниот Џад Белингем и 23-годишниот Винисиус Јуниор, Реал е фаворит во сите нив.

Последнире години гледањето вакви фудбалери во живо веќе стана скапо за просечниот љубител на фудбалот, но никогаш како сега. Водството на клубот е убедено дека трибините ќе бидат исполнети и покрај незадоволството од поскапувањето.

„Реал Мадрид е универзален клуб. Навивачите ширум светот го носат во своите срца“, изјави претседателот на клубот Флорентино Перез по победата над Аталанта во Варшава.

До стадионот „Сантијаго Бернабеу“, со капацитет од 81.000 седишта, има промотивна фотографија на која Лука Модриќ покажува кон членската книшка.

Реал Мадрид со рекордни 15 Купови на европски шампиони минатата сезона оствари приход од 1,07 милијарди евра, што е за 27 отсто повеќе од претходната сезона. Тука не се вклучени парите од продажба на играчи. Кога ќе се одбијат трошоците, тој ја заврши сезоната со добивка од 16 милиони евра. Во исто време при крај е и реновирањето на стадионот, околу кој ќе никнат ресторани и кафулиња, додека на теренот ќе се одржуваат концерти кога нема натпревари.