Реал Мадрид остана без Мбапе, но се засили со суперталентиран француски играч!

Управата на Реал Мадрид од шопингот во Париз се враќа без веќе планираното големо засилување, Килијан Мбапе, но не и со празни раце, откако го договори трансферот на супеталентираниот фудбалер на Рен, Едуардо Камавинга.

Тој денеска треба да потпише договор со „кралевите“, а неговата ситуација беше речиси идентична како и на ѕвездата на ПСЖ, со оглед што договорот му завршуваше на крајот од сезоната, а во повеќе наврати потенцира дека нема намера да потпише нов. Шпанскиот гигант за големата перспектива ќе искешира 31 милиони евра.

Камавинга веќе ги минал лекарските прегледи и денеска официјално ќе потпише, со оглед што е последен ден од преодниот рок. Презентацијата, пак, ќе се случи по завршувањето на репрезентативната пауза, поради која следниот викенд ќе нема клупски натпревари. Станува збор за играч од средниот ред, кој и тоа како ќе има што да научи од искусните Модриќ и Крос.