Реал Мадрид во контроверзен финиш до пресврт и победа над „фенерџијата“ Алмерија

Во натпреварот од 21. коло на шпанското фудбалско првенство, Реал Мадрид на својот „Сабтијаго Бернабеу“ ја победи последнопласираната Алмерија со 3:2, откако по првото полувреме заостануваше со 0:2, со многу контроверзни судски одлуки во самиот финиш и погодок длабоко во судиското продолжение на мечот.

Реал Мадрид и Алмерија одиграа одличен натпревар со пет гола и низа шанси, а победничкиот гол домашните го постигнаа во деветтата минута од судиското надополнување. Сепак, по натпреварот бездруго ќе има многу критики и поплаки на судењетое. Главната улога ја имаше ВАР-от, а гостите по мечот беа револтирани од арбитражата.

„Одигравме одличен натпревар. Сепак, некој реши дека не можеме да победиме овде денес“, изјави по натпреварот гостинскиот играч Марк Пубиљ за DAZN.

Три сигнализации од ВАР собата го спасија „Кралвскиот клуб“. Пенал во корист на Реал, поништен гол на Алмерија и гол на Винисиус. Единаесет минути прекини, исклучување на гостинскиот играч, гол на Карвахал во 99. минута… Дефинитивно „најлудите“ 45 минути сезонава во Примера.

За гостите почна одлично. Начо згреши при едно додавањеи, а гостите „подарокот“ го претворија во гол веќе во 38. секунда. Стрелец беше Ларџи Рамазани на асистенција на Лукас Робертоне. Во 43. минута Едгар Гонзалес упати фантастичен удар од работ на шеснаесетникот за 0:2.

Карло Анчелоти со три измени влезе во продолжението на натпреварот. Во соблекувалната останаа Начо, Менди и Родриго, а во игра влегоа Брахим, Фран и Хоселу. Десет минути подоцна Реал намали. Бразилецот Каики играше со рака, а судијата Франциско Маесо досуди пенал откако ја прегледа видео снимката. Гостите протестираа, но безуспешно. Џуд Белингем беше сигурен.

Само пет минути подоцна Алмерија постигна трет гол, но ВАР уште еднаш интервенираше и уште еднаш ги спаси домашните. Овојпат за наводен фаул на Лопи над Белингем.

Реал успеа да израмни во 68. минута со голот на Винисиус Жуниор. И овој момент беше проверуван, се чинеше дека Винисиус погоди со рака, но судијата покажа на центарот. Во 77. минута уште еднаш се вклучи ВАР. Белингем постигна гол за пресврт, но Франк Гарсија беше во офсајд.

Во петтата минута од судиското надополнување гостите останаа со играч помалку, откако беше исклучен Аизка Гаритано, а три минути подоцна Реал оствари победа со голот на Даниел Карвахал.

Со оваа победа Реал поведе на табелата со 51 бод, додека два бода помалку има Жирона со меч помалку во кој вечерва ја пречекува Севиља. Алмерија е последна со шест бода.