Реал Мадрид: Златната топка престанува да постои за нас

Шпанскиот фудбалски гигант Реал Мадрид ја откажа целата своја експедиција во Париз за вечерашната гала за „Златната топка“, вклучувајќи го и Винисиус Жуниор, што укажува на тоа дека Бразилецот не е добитник на престижната награда.

Авионот што го резервира Реал Мадрид требаше да полета од аеродромот „Адолфо Суарез де Барахас“ во 15 часот, но „Кралскиот клуб“ го откажа полетувањето на делегација од 50 луѓе, пренесуваат шпанските медиуми.

Причината е гневот и огорченоста што, според сите проценки, Бразилецот Винисиус Жуниор не е добитник на престижната „Златна топка“, која годинава заеднички ја организираат познатите спортски весници France Football, L’Equipe и УЕФА, а ќе се одржи вечерва во Париз.

Во Реал претпоставуваа дека Винисиус ќе ја освои „Златната топка“, а оваа вест го шокираше мадридскиот клуб кој смета дека е неправда што Бразилецот не е прогласен за најдобар фудбалер на светот годинава.

„Ако според критериумите на наградата, Винисиус не е победник, тогаш најдобар би требало да биде Карвахал. Бидејќи тоа не беше случај, очигледно е дека Златната топка и УЕФА не го почитуваат Реал Мадрид. А Реал Мадрид го нема онаму каде што не се почитува. Златната топка престанува да постои за нас“, рекке наводно од „Сантијаго Бернабеу“.

Според медиумските шпекулации, главен фаворит е шпанскиот играч за врска на Манчестер Сити, Родриго Ернандез, кој ја освои европската титула во дресот на Шпанија и беше прогласен за најдобар играч на турнирот. Го освои и англиското превенство и Премиерлигата и англискиот ФА Купот, најстарото клупско натрпеварување на светот.

Во изборот учествуваат 100 новинари од 100-те најдобро рангирани нации според ФИФА, а претходно редакциите на L’Equipe и France Football избраа 30 номинирани. Сезонава се оценуваше индивидуален настап, колективен настап и фер-плејот.