Фудбалерите на Реал Мадрид ја освоија титулата во Шпанија, прва по 2011 година, откако во последното коло од Примера славеа кај Малага со 2:0.
На Реал за шампионскиот наслов му беше потребен и бод, а првенството го заврши со три бода повеќе од Барселона која на „Камп Ноу“ го совлада Еибар со 4:2.
Раното водство на мадриѓаните уште во 2 минута преку Кристијано Роналдо имаше влијание и во Барселона. Реал победата ја потврди во 56 минута откако голманот на Малага, Камени го одбрани ударот на Рамос, но Карим Бензема постигна гол, иако од многу проблематична ситуација, бидејќи со топката играше и бекот на Реал Варан ој беше во офсајд.
Во Барселона до 63 минута Еибар водеше со 2:0, а двата гола ги постигна на речиси идентичен начин, со лева нога во самиот агол Јапонецот Такаши Инуи во 7 и 61 минута. Во 63 минута гостите си постигнаа автогол преку Давид Хунка, а во 73 минута на 2:2 израмни Луис Суарез. Лионел Меси промаши пенал но во 75 минута вториот го реализираше за целосен пресврт кој го потврди во 90 минута.
Реал дојде до рекордната 33-та титула во Шпанија, и сега има девет повеќе од Барселона.
Реал на почетокот од јуни го чека финалето во Лигата на шампионите против Јувентус, кој во неделата исто таа ја освои титулата во Италија, додека Барселона ќе игра во финалето од националниот куп против Алавес.