Реал подобар од Барселона во Ел Класико

Во едно од најголемите фудбалски дерби соочувања на светот Реал Мадрид на својот „Сантијаго Бернабеу“, ја совлада Барселона со 3:1.

Актуелниот европски и шпански првак поведе во 12 минута со голот на францускиот напаѓач Карим Бензема, по брз противнапад. Тони Крос го проигра Винисиус кој се проби по левата страна и тргна кон Марк Тер Штеген, кој го одбрани неговиот шут, но не можеше да го запре и ударот на Бензема од 12 метри кој натрча на одбиената топка.

Ова беше 12-ти погодок на Бензема против Барселона, а најмногу погодоци во Ел Класико има Лионел Меси, дури 26. Бензема се проби на делба на осмото место со легендарниот Сантиљана.

За удвојување на водството на Реал и тоа во период кога Барса имаше доминација во поседот на топката и создаде неколку изгледни шанси, се погрижи Федерико Валверде во 35 минута кога малку надвор од шеснаесетникот биеше силно и прецизно во долниот лев агол на противничкиот гол. Во 51 минута Бензема повторно беше стрелец, но погодокот беше поништен поради офсајд.

Барселона во завршницата создаде повеќе шанси. По една сомнителна ситуација во домашниот шеснаесетник кога не се огласи и ВАР-от и покрај тоа што во сендвич беше фатен Роберт Левандовски, во 78 минута од 20 метри шутираше Ансу Фати, малку крај голот. Неизвесна завршница навести Феран Торес во 83 минута. Фати продре по левата страна и нафрли во шеснаесетникот, Левандовски со петица ја продолжи до Торес кој пласираше од втор план. Четири минути подоцна Фати од тешка а позиција со „ножички“ гаѓаше малку крај стативата на Реал.

Во судиското продолжување Реал дојде до третиот гол, откако Ерик Гарсија го настапна Родриго во својот шеснаесетник, иако се чинеше дека домашниот играч веќе ја остави топката зад себе. Судијата Хозе Санчез кој првично не реагираше сепак се реши да ја прегледа снимката и покажа на белата точка, а Родриго реализираше за 3:1.

Реал сега се осами на врвот на Примера со 25 бодови, а Барселона го доживеа првиот пораз сезонава и остана на 22 бодови. Следат Атлетико Мадрид и Реал Сосиедад со по 19 бодови.

Во првиот неделен натпревар од 9-то коло од шпанското првенство, Реал Сосиедад на гостувањето кај Селта Виго победи со 2:1, остварувајќи ја седмата последователна победа во сите натпреварувања.

Асиер Иљараменди во 30 минута ги доведе гостите во водство, но девет минути подоцна израмни Ијаго Аспас. Победата на баскискиот тим му ја донесе Игор Зубелдија во 54 минута. Селта виго остана на 11-то место со 0 бодови.