„Реал“ со сомнителен пенал во 96 минута обезбеди полуфинале

Фудбалерите на „Јувентус“ беа на чекор до сензација откако до судското продолжение водеа 3:0 во Мадрид против „Реал“, но со гол на Роналдо од сомнителен пенал „кралскиот“ клуб избегна продолженија и обезбеди полуфинале на Лигата на шампионите. На овој начин „Реал“ осма сезона по ред избори пласман меѓу најдобрите четири во Европа. Најдобар играч на натпреварот беше Хрватот Марио Манџукиќ, кој ги постигна првите два гола за „Јувентус“ во 2 и 37 минута, а Блејз Матуиди во 61 минута го даде третиот гол за „Старата дама“.

Мрежата на „Реал“ се затресе во 76 секунда, што е најбрзо примен гол на мадриѓани на домашен терен во елитното натпреварување. Манџукиќ со глава погоди по подавање на Сами Кедира, а во седмата минута Игуаин промаши голема шанса за 2:0, како и Хрватот три минути подоцна.

По очајните половина час „Реал“ се разбуди и почна да игра, но кога се очекуваше да изедначат во 37 минута стигна нов шок за актуелниот првак, откако Манџукиќ пак со глава ја погоди мрежата на Навас по центаршут на Стефан Лихштајнер. Така Хрватпот стана прв играч во историјата на ЛШ кој во прво полувреме даде два гола на „Сантиаго бернабеу“.

Најдобра можност „Реал“ имаше Варане кога погоди статива пред самиот крај на полувремето.
Шпанците во продолжението заиграа многу подобро, но возврати и „Јувентус“. Меѓутоа, голманот Навас направи кардинлна грешка откако една лесна топка му испадна од раце , а Матуиди го искористи подарокот и погоди за 3:0 во 61 минута.

До крајот „Реал“ имаше два одлични шанси, Но Буфон беше поуспешен од Иско.

Англискиот судија Мајкл Оливер во четвртата минута од судското продолжение свиреше пенал за домаќините откако обичен контакт меѓу Бенатија и Васкез го окарактеризира како прекршок што предизвика силни протести кај Италијанците. Поради приговор Буфон доби цврен картон, а на голот застана Шчезни, кој не успеа да го одбрани ударот на Роналдо кој погоди по 120 пат на 150 натпревари во ЛШ.