Шпанскиот фудбалски великан Реал Мадрид во новата сезона влезе со скромна изведба и резултат 0:0 на гостувањето кај Реал Сосиедад.
На стадионот „Аноета“ во Сан Себастијан тимот од Мадрид имаше речиси 70 отсто од поседот на топката, неговите играчи упатија 16 шута кон противничкиот гол, изведоа 11 корнери но не успеаја да ја скршат одбраната на баскискиот тим.
За Реал ова беше првиот натпревар во оваа сезона, додека Реал Сосиедад го впиша и второто реми. Во претходно одиграните натпревари Гранада и Реал Бетис ги остварија и вторите победи пробивајќи се на врвот на табелата.
Гранада славеше со 2:1 против Депортиво Алавес. Солдадо ги донесе домашните во водство во 7 минута, израмни Хозелu во 22 за гостите, а Мачис повторно ја врати предноста кај домашните во 79 минута.
Втората победа ја впиша и Реал Бетис кој под водство на тренерот Мануел Пелегрини го победи Реал Вајадолид со 2:0. Целата работа беше завршена за 18 минути, Фекир во 10 минута реализираше пенал а Вилијам Карваљо беше стрелец во 18 минута.
Кадиз на гостувањето ја победи Хуеска со 2:0, освојувајќи ги првите бодови сезонава. Головите за новакот во првата лига ги постигнаа Алваро Негредо во 11 и Хорхе Помбо во 83 минута.
За Кадиз бранеше Алберто Сифуентес станувајќи вториот највозрасен дебитант во историјата на Ла Лига. Сифуентес своите први минути во најелитната клааса на шпанскиот фудбал ги впиша со 41 година и 114 дена. Постар од него во првиот настап во шпанското првенство е само Хари Лоув кој во далечната 1935 година заиграл со 48 години и 226 дена.
Во саботата на трите меча триумфираа домаќините. Вилјареал го победи Еибар со 2:1, Хетафе ја доби Осасуна со 1:0, а Селта беше подобра од Валенсија со 2:1.
Во ова коло одложение беа средбите Леванте – Атлетико Мадрид, Севилја – Елче и Атлетико Билбао – Барселона.