Реал во последната минута извади победа над Хуеска

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид во последниот неделен меч од 29-то коло на шпанското фудбалско првенство повторно со многу мака на својот „Сантијаго Бернабеу“ победи со 3:2 (1:1), и тоа против последната Хуеска.

Гостите изнанадија со раното водство уште во 3 минута до кое дојдоа преку Ернандез, но до полувремето израмни Иско со голот во 25 минута. Во вториот дел Реал дојде во предност со голот на Себаљосво 62 минута, но следеше нов шок, и навестување на нова бламажа на „Кралевите“ кога во 74 минута гол постигна Етчеита. Но Карим Бензема во 89 минута го спаси Реал од нов лош резултат.

Реал сега има 57 бодови, два помалку од вториот Атлетико, и 12 помалку од водечката Барселона. Хуеска е последна со 22 бодови, седум помалку од позициите кои осигуруваат опстанок во Примера.

Севилја дома беше поразена од Валенсија со голот кој во судиското продолжение на првото полувреме од пенал го постигна Парехо. Валенсија со трите бода се израмни со Севилја, имаат по 43 бодови, но „Лилјаците“ се на шестата позиција благодарејќи на подобрата гол-разлика. На достижна разлика пред нив се Алавес со 44 и Хетафе со 46 бодови.

Леванте и Еибар ремизираа 2:2. Домашните двапати беа во водство, преку Моралес во 5 и Рочина во 26 минута, но гостите израмнија преку Ескаланте во 19 и Енрих во 78 минута. Леванте е на 15-то место со 32 бода, четири повеќе од 17-от Вилјареал кој има место од кое се игра разигрување за опстанок, а Еибар е 11-ти со 36 бодови.

Без победник 1:1 одиграа и Рајо Ваљекано и Бетис. Де Тома ги доведе домашните во водство во 34 минута, а гостите израмнија во 81 минута преку Тељо. Рајо е претпоследен 19-ти со 24 бодови, пет бодови помалку од местата за останување во лигата, а Бетис е 9-ти со 40 бодови.

Со истиот резултат заврши и дуелот меѓу Вајадолид, за кој стрелец беше Кеко во 9 минута, и Реал Сосиедад за кој погоди Оиаразабал во 79 минута. Вајадолот е 16-ти на табелата со 30 бодови, а Реал Сосиедад е 10-ти со 37 бодови.