Рецензија: „My name is Medeja“ e модерен блам Медеја

(Рецензија за театарската претстава „My name is Medeja“ во режија на
Себастијан Хорват од Словенија, а работена според текст на Милан Рамшак
Марковиќ, драматург од Србија, 28.09.2022 г).

Знаејќи дека театарот има антрополошка функција (во практична смисла на зборот) и од нас бара да ја покажеме каде е вгнездена вината на човекот (кога го претставуваме како сурово животно) не беше тешко да се напише оваа рецензија, затоа што многумина околу нас во просторот, вешто се сокриваат зад идеологијата и религијата, бидејќи на тој начин ја сокриваат вистинската душа, која ја нудат за грст самобендисаност покриена со незнаење. Од овој момент антрополошката функција на театарот станува бесмислена, а тоа значи дека театарот не може да се соочи со виновникот, или виновниците кои на таков начин се обидуваат да ја сокријат својата
немушт и своето незнаење.

И затоа за претставата „My name is Medeja“, ќе зборуваме преку четирите фактори во театарот: драмата, претставата, режијата и главниот лик.

ЗА ДРАМАТА

А сега накратко ќе ви објаснам што значи драма. А сето тоа затоа што на сцената на Народниот театар од Битола во претставата „My name is Medeja“ нема драма. Па според тоа драмата е литературен вид на текст кој е напишан во дијалози. Преку драмата се прикажуваат говорни конфликти на личности, впрочем и самиот збор „драма“ означува акција, дејствие.

Во пошироката смисла на зборот, драмата се однесува на секое дело чија цел е да се изведе на сцена, без оглед на карактеристиките на самата драма. Во потесна смисла на зборот, драма значи текст во кој е претставен трагичен настан. Во него може да има комедија, но важно е да не заврши трагично.

Треба да се напомене дека преку драмата опфатени се литературни жанрови за изведба на сцената, а тие ќе добијат значење само преку театарска претстава.

На развојот на драмата во европската литература големо влијание имаа трагедијата и грчката комедија. Но да не навлегуваме во антиката, во ренесансата, во класицизмот итн, ние овој пат директно ќе прејдеме на 20-от век кога се појавува театарот на апсурдот (оти од она што се надевавме да го видиме на битолската сцена во претставата „My name is Medeja“ беше токму театарот на апсурдот, надевајќи се дека нешто ќе биде конкретно направено), оти преку вакви драми, целта е на најдобар можен начин да се прикажат осаменоста, изгубеното, стравот и вознемиреноста на човекот во современото општество.Е сега кога се пишува театарска претстава таа покрај останатите работи, треба да ја има и надворешната композиција на претставата која се состои од: чин или дејство, сцени итн.

Што се однесува до внатрешната композиција на драмата таа се состои од: драматични дејства (кои се постигнати со промена на драматични ситуации); драмски ситуации (кои преку ситуации се прикажува односот меѓу ликовите, кој најчесто е во опозиција); драмски конфликт (кој настанува поради конфликтот меѓу ликовите и понатаму се развива во драмската композиција). Драмската композиција се состои од: вовед (преку него ги запознаваме ликовите и заплетот); заплеткувања или компликации (овде започнува конфликтот, а се нарекува и „точка од која нема враќање“); кулминација (напнат дел како резултат на конфликтот); пресврт (во кој има неочекуван пресврт на заплетот); и прекин (крај на претставата). Во драмата постои и правило за тројно единство. Тоа значи дека дејството мора да се одвива преку три ентитети: места, дејства и времиња.

Ете во кратки црти што треба да има една драма. Притоа би напоменале дека големиот Хајнер Милер за драмските текстови ќе рече дека „…текстовите се маска и зад овие текстови не постои ништо… “

Се разбира ваквиот став тој најверојатно го образложува со тоа што драмата ѝ се препушта на сцената, поаѓајќи од премисата дека главниот актер ќе ја води претставата кон еден одличен тек…

И затоа ќе речам дека Хајнер Милер бил во право, а тоа може да се забележи само со едно мало анализирање на „драматуршкиот текст“ на српскиот драматург Милан Рамшак – Марковиќ, кој ете за битолчани ја „напишал“ „My name is Medeja“. Милан Рамшак – Марковиќ можеби понесен од античката „Медеја“ од Еврипид, се разбира само во насловот, прави безуспешен обид да направи модерна Медеја.

Зошто е тоа така?

Ајде прво малку да се навратиме на големиот Хајнер Милер, кој преку своите три различни драмски текста ја разглобува Еврипидиевата „Медеја“, така што на три различни начини ја претвора во модерна Медеја. Е затоа Хајнер Милер е бесмртен автор.

Имено, Хајнер Милер не ја отфрла Еврипидиевата „Медеја“, туку тој обработувајќи ја, ѝ дава посложена драмска структура, на и така сложениот и безусловен драмски текст „Медеја“.

Што прави, всушност, Хајнер Милер?

Хајнер Милер земајќи ја дури и како предлошка Еврипидиевата „Медеја“, пишува драмски текст насловен како „Медеја коментар“ од 1972 година, во 1974 година, тој го работи својот втор драмски текст, насловен како „Медеја игра“, и некаде дури 1982 година го завршува и својот трет драмски текст насловен како „Медеја материјал“, кој токму таа 1982 година добива и конечна адаптација. За последниот драмски текст може да се каже дека Хајнер Милер го работел цели 34 години, односно го започнал во 1948 година.

Со ова сакам да кажам дека и еден Хајнер Милер длабоко навлегол во вителот на „Медеја“, така што никако не можел лесно да излезе од неа. Имено, сите три текста се сложени, комплексни, испреплетени меѓу себе, не се ниту лесни за читање, ниту лесни за играње. Дури и големите режисерски имиња имале тешкотии со нив и во играта и во режијата.

И затоа може да се направи компарација меѓу Марковиќевата „Медеја“, кој
успеа да направи само една модерна блам „Медеја“.

Имено, во нашиот случај во претставата „My name is Medeja“, драматургот Милан Рамшак Марковиќ, „пишувајќи“ ја својата визија за својата Медеја, бега од оригиналната приказна и затоа претставата не само што е полна со фалинки, туку нејзе ѝ недостасуваат и многу други работи. Со еден збор, темата „Медеја“ не е обработена онака како што треба. Милан Рамшак Марковиќ требаше да се огледа на Хајнер Милер, па да види композициски од сите аспекти како се работи „Медеја“. Вака од повеќе аспекти ние видовме страшно лоша претстава.

По сѐ се чини на драматургот Милан Рамшак Марковиќ не му беше јасно дека „My name is Medeja“ треба да се држи до тематската основа на Еврипидиевата „Медеја“, која е врзана за еден од најпопуларните грчки митови, односно за митот Аргонаут.

Иако, верувам дека сте ја читале Еврипидиевата „Медеја“, накусо само да
потсетиме за што станува збор.

Имено, грчки јунаци, предводени од Јасон, одбрани по сила и моќ се качуваат на коработ „Арго“ и поаѓаат во потрагата на златното руно, кое било чувано во земјата Колхид. При потрагата по златното руно, се случуваат многу перипетии, во кои сите одбрани јунаци го искажуваат своето јунаштво, па така и стигнале во Колхид. Тука, на ова место се најдоа пред многу потешка задача од претходните, затоа што повеќе не можеше задачата да биде извршена и остварена со јунаштво и сила, туку со магија. Тогаш се случува и љубовниот заплет. Имено, во Јасон се вљубила ќерката на тамошниот крал, волшебничката Медеја. Таа е толку силно вљубена во Јасон, што му помага да го украде златното руно од кралството на татко ѝ. Кога кралот дознава за ваквата измама, тој поаѓа во потера по Аргонаутите, а во потерата го испраќа својот помал син Апсирта. Медеја, го сопрела својот помал брат, и за да го спаси својот вљубен, таа си го убива брата си.

Значи, Медеја, ползувајќи го своето знаење и вештини за волшебства, го спасува Јасон. Но таа, не го спасува само од брата си, туку и од сите други опасности кои попатно го следат, и на крајот да заминат во Коринта, тука да се одомаќинат, и да започнат да живеат во еден навидум среќен брак, во кој ќе се родат две деца. По извесен период Јасон, се вљубил во Глаука, ќерката на кралот од Коринта, и одлучил да ја напушти Медеја, за да се ожени со Глаука и подоцна да дојде до кралскиот престол.

Е, оттука некаде, всушност започнува и дејствието на трагедијата, затоа што Медеја одлучува, виновникот за својата несреќа да го казни со најстрашната казна, за него (но и за неа). Така што, Медеја одлучува да ги убие децата. Меѓутоа, со таа казна, се казнува и самата, бидејќи таа е мајката на неговите деца, што значи, тие се заеднички деца.

Всушност, во таа борба помеѓу љубоморната жена и мајка лежи основното трагично дејствие на драмата „Медеја“. Од сето ова се гледа дека Медеја, сѐ до самиот крај се остварува како еден најстрашен пример на трагичен јунак, кој во името на доследноста на својот ум ја надминува мерката за човечност.

Но со таа истата таа мерка, се наоѓа и нејзината страшна и трагична судбина. Се разбира, таа подоцна е свесна за чинот што го направила и сфаќа дека за неа нема повеќе никакво решение на овој свет, затоа што од таа страшна казна со која се казнила и самата себе, не може повеќе со никаква пострашна казна да биде казнета. И според тоа, Бог ѝ ја испраќа својата кола, водена од змејови со крилја, кои ќе ја однесат Медеја некаде далеку заедно со нејзините мртви деца.

Ете ја накратко Еврипидиевата „Медеја“, а што се однесува до претставата „My name is Medeja“ во неа и драматургот Милан Рамшак Марковиќ и режисерот Себастијан Хорват го земаат само митот за Медеја. Но и така земен само митски, требаше и така за започне, а не потоа режисерот целата приказна да ја сведе на една локална приказна, чие дејствие се случува во Цирих, во Швајцарија. И освен „современата“ (за жал и така не може да се нарече) Медеја која има сопруг, деца, па нејзиниот сопруг има љубовница, друго ништо не може да се поврзе со оригиналната Медеја.

Затоа велам дека врз ваков текст не може да се направи никаква инверзија и експериментирање, и не се бега од оригиналноста на приказната. Таа е таа, а драматургот и режисерот треба да ја постави врз нејзиниот основен текст. Друго е што режисерот би имал можеби различно режисерско читање, но во никој случај не смее да се уништува структурата на оригиналниот текст. Тоа никој не смее да си го дозволи. Тоа би значело дека оригиналната „Медеја“ и оваа „современата“ Медеја,
односно „My name is Medeja“ се како Бог и шеширџија…

Што е најлошо од сето ова?! Па, најлошо е што таквото „драмско“ читање, на таквиот (не)текст можат да го знаат само актерите кои во претставата беа дел од процесот на работа, и само ним им е јасно што се случуваше и како се создаваше (не)претставата, а публиката како трета страна (режисер-актер-публика), не може да го осознае сето тоа.

Зошто велам (не) текст?! Прво, затоа што, публиката требаше да дојде со предзнаење за германски и англиски јазик (а некои актери ја забораваа својата реплика, па се трудеа незабележително да ја прочитаат), и затоа што на Битолската театарска сцена за прв пат е изведувана претстава за која нема никаков текст, а најмалку достоен како што заслужуваат и театарот и битолчани.

Токму и затоа, кога генерално се гледа претставата, се добива впечаток дека таа е етида, бидејќи и доаѓањето на трамвајот, па влегувањето на актерите со столовите во рацете, па седнувањето врз нив, па звучното возење со трамвајот, отворањето на вратата, излегувањето надвор на актерите со столовите, па доаѓањето до паркот на ротација итн, сето ова е етида. Етида чекање, етида движење, без предметна игра.

Потоа тие етиди режисерот ги стави на сцена, ги окрупни, што би се рекло, си ги направи филмски ситуациите, ама заборава дека театарот и филмот не се сообразни. Притоа, има хорски парчиња кои ги пеат актерите. Онака седнат на сцена и пеат бесмислено. И овој момент ни дава до знаење дека претставата не функционира, а тандемот Хорват ‒ Марковиќ сепак, прават претстава, која најверојатно скапо чини, а нејзиниот квалитет никаде не се гледа.

Некој ќе рече дека тој е модерен текст, а на битолчани им е прикажан модерен театар. Затоа веднаш да разграничиме, да не дојдеме до (драмско) бунило, оти никој не вели дека некој не сака модерен текст и модерен театар, но и таков да е, постојат драмски правила кои претходно ги споменав, а и би им било убаво да се огледаат и на големиот Хајнер Милер, па да принаучат за сето тоа, вака во „My name is Medeja“ гледаме само фалинки. Е тие фалинки кои можеме да ги видиме во театарската претстава се производ од едноставна причина, а таа е затоа што Милан Рамшак Марковиќ не седнал убаво да се соочи со Еврипидиевата „Медеја“, па така влезен во нејзиниот драмски вител, да сработи драмски текст, како што тоа го сработил, како што рековме и претходно, големиот Хајнер Милер.

И затоа, според текстот, според тоа што беше видено на сцената на Народниот театар од Битола, беше ужасно слабо, бидејќи не само што немаше драма, немаше драматургија, немаше ништо што би можел Милан Рамшак Марковиќ како автор, па барем и на драмската подлошка да го донесе гледачот до еден возбудлив чин на исчекување, ако не на почетокот, тогаш барем во средина, или на крајот да виде гледачот нешто силно, мудро, одговорно, кој секој човек го бара тоа од себе, но и од другите.

ЗА РЕЖИСЕРОТ И ПРЕТСТАВАТА

Само еден збор е доволен за театарскиот блам „My name is Medeja“ а, тоа е ужасно слаба престстава?! Но и овој момент ќе го објасниме.

Таа се одвива вака! Публиката гледа празна сцена и празна клупа, па се појавуваат два-тројца актери, па по пауза од 10 минути, повторно се појавуваат два-тројца актери, и се така, додека сите актери кои се ангажирани во претставата не излезат на сцена. Е сега, некои од актерите седат на клупата, некои стојат, некои клечат, некои возат велосипед, но сите заедно се зафатени со мобилните телефони и одењето лево-десно.

Ние сите знаеме дека се наоѓаме во едно модерно време и дека сега е времето кога на сите нам животот ни зависи од мобилните телефони, но тоа не значи дека драматургот не мора да прави драма, а режисерот да ги остави пред да му текне што треба да смисли нешто за да го покрие и тоа парче на глупост. И ги остава актерите онака бесцелно да се мафтаат на сцена. Така оставени, што се разбира вината за тоа ја носи режисерот Себастијан Хорват, на сцена без никакви реплики, актерите чекаат да им дојде трамвајот. Трамвајот доаѓа откако ќе се слушне неговиот звук, но и откако на сцена актерите носат столови и формираат трамвај. Некои седнуваат врз нив, некои стојат, демек (се тискаат), се набиваат, сакајќи режисерот да ни покаже дека патуваат во Цирих, од една до друга трамвајска станица.

Веднаш се доби впечаток дека ваквите извикани театарски имиња на сцената на Народниот театар од Битола не знаеле што прават. Еве, и да се обиделе да прават претставата по Брехт, за жал, и во тоа не успеале. Простете ми, но така поставен театарската претстава нема ни малку надеж за неа.

Ете, кога веќе го споменувам Брехт, би сакал веднаш да споменам дека тој воведува нова техника во театарската уметност, која го произведува ефектот на зачуденост. И навистина сите кои ја гледавме претставата, останавме зачудени, оти нема театар, нема квалитет, нема ништо. Впрочем, и како би можело да има, кога претставата е правена за 21 ден.

И што сакал Брехт со техниката на ефектот на зачуденост?! Едноставно, речено, Брехтовата техника е наменета да ја поттикне публиката на истражувачкиот и критичкиот став кон прикажувањето на театарското дејство, а средствата да бидат уметнички.

Што би значело сето тоа?! Тоа би значело дека режисерот треба да направи некое режисерско решение, од кое ние сите како публика ќе останеме зачудени. Еве, ајде да речеме поставувањето на масата на сцена да изгледа бравурозно, а не актерите да прават ѕид, па да пеат за да ја сокријат масата, а откако актерите ќе се повлечат од сцената, тогаш се гледа масата на сцена. Значи, човек треба да биде недугав да поверува дека тоа е длабоко осмислено уметничко режисерско решение.

Се разбира, има и друг пример, кога актерите носат дел од сценографијата, па се прави супермаркет, внесуваат, разнесуваат итн. Така што, маркетот не го прави техниката, туку актерите, тие го склопуваат маркетот, со сите макарони, млека и сокови кои ги има на рафтовите. И така на сцената видовме и актери ‒ технички персонал. Се разбира, ова е најстрашно, но не е ни некакво режисерско бравурозно решение.

Потоа во претставата сѐ се сведува на едно растрчување кое нема врска со целата претстава, но кога актери добиле функција да бидат дел од сценографијата, тие и беа, и толку. Сето тоа пак не му дава на право режисерот да си игра со актерите, сокриен врз моментот дека сето тоа го правел со намера за претставата да излега по браворозна. Не е јасен тој момент.

И ајде да верувам дека морал и тоа да го направи, кога видел дека нема материјал за театарска претстава. Па можеби и затоа премина на друго сценско решение, а тоа е користењето на сценската ротација.

Можеби режисерот Себастијан Хорват си помислил дека битолската публика не знае што е театар, а најмалку модерен, па се решил својата „заблуда“ режисерски да ја покријат со сценската ротација. Иако од поодамна се знае дека сега во ниту еден модерен театар не се употребува сценската ротација. Ова е дополнителен минус за
претставата, оти таа без ротација не функционира. Замислете цел мизансцен се случува на ротација.

Режисерот Себастијан Хорват (најверојатно претворајќи се во битолски локал патриот) на битолчани им прави театарска претстава, да можат само тие да си ја гледаат, т.е. театарската претстава да не може да отиде на гости ниту до Прилеп. Во контекст на режисерската „бравурозност“, слободно можеме да кажеме дека режисерот ни прикажува една театарска здодевност, претворена во сценско-драмска тавтологија. Тоа е срам за ваков извикан режисер, кому најверојатно хонорарот му играл главна улога, наспроти очекувањата од него да извади еден квалитетен продукт, една квалитетна театарска претстава. Секому му е јасно дека соблекувањето и облекувањето, пазарењето и шетањето низ паркот во Цирих, на што впрочем е сведена и претставата, не е театар.

Затоа може да се констатира дека режисерско-драмскиот тандем Хорват ‒ Марковиќ на битолчани им продадоа ефтино парче од „Медеја“, притоа заборавајќи дека театар не може да има, таму каде што го нема. Тие најверојатно заборавија дека бравурозната глупост на битолската театарска сцена ќе остане незабележана.

7
И на обајцата изгледа не им беше јасно дека во оригиналната приказна за Медеја, Медеја е виновникот за својата несреќа, таа ги убива сопствените деца за да го казни сопругот Јасон за изневерувањето. Како што напоменав и претходно, во таа борба меѓу љубоморната жена, мајка, лежи основното трагично дејствие на драмата „Медеја“ и таа доследна на својот ум ја надминува мерката за човечност, тие всушност, со претставата „My name is Medeja“ толку многу ја банализираат приказната, што таа губи основно значење, не само пред публиката, туку и пред човештвото, воопшто.

Таквата театарска претстава („My name is Medeja“) освен што Медеја има маж и има заедничко дете со него и тој си има љубовница, друго нема никаква врска со „Медеја“, т.е единствена назнака е дека народот во Цирих во еден момент станува хорот од „Медеја“. Ама и тоа можат да го знаат само актерите кои беа дел од процесот на работа, а публиката не.

Значи, само на актерите им е јасно што се случува на сцена, а публиката што ја гледа само може да претпостави.

Никој од публиката не може ниту да претпостави дека ќе се најде некој „јунак“ кој од силната Еврипидиева „Медеја“, па дури и трите Милерови, да ја сведе на швајцарска приказна, за швајцарска виза на кој ѝ поминал датумот, на движењето и туркањето низ луѓето во т.н. трамвај, на супермаркетот во којшто работи Медеја, на проблемот со благајната на која работи Медеја, на замрзнатата слика на живите актери, на паркот, на возењето велосипед, на купувањето на разни продукти итн., итн., да им се дава значење, а сѐ друго да се банализира. Тоа не поминува, оти нема драмско дејствие, нема драма, нема театар.

Најдобар доказ за тоа беше и публиката која беше околу мене, и која полека ја напушташе претставата.

ЗА ГЛАВНИОТ ЛИК

Сега малку да проговориме и за ликовите во драмата и какви тие треба да бидат. Па така, според теоријата на драматургијата, ликовите во драмата се драмски херои, тие се креатори и носители на драмското дејство и на основните идеи на писателот и она што го прави драмското дело уметничко. Драмските херои, како носители на драмскиот заплет, мора да бидат изградени на таков начин што тие се посебни личности, посебни ликови. Гледачот ги доживува како човечки ликови од нивните односи со другите ликови во драмата, од нивниот говор во кој ги соопштуваат своите мисли и чувства, од нивното однесување, постапки и, воопшто, од нивната реакција на надворешни настани, кои создаваат конфликти и можности за драматична акција.

Херојот на гледачот најчесто му се претставува само во една, доминантна карактеристика на неговиот карактер, која се открива во одреден конфликт. Гледачот ја доживува таа карактерна особина како херојска страст, која станува движечка сила зад сите негови постапки и во одреден конфликт, во одреден драматичен заплет, ја сочинува севкупноста на духовното битие на херојот, неговата морална личност. Таа доминантна особина на ликот на херојот го буди целосниот интерес кај гледачот и секој збор, движење, израз на лицето и дејство на херојот одат во таа насока за да го направат посебен лик и доследен во манифестирањето на таа одредена особина.

За да биде јасен, изразен и целосен како одреден лик, главниот лик во драмата мора да има други личности кон него, кои имаат разбирање за проблемот поставен во драмата, гледишта и став сосема спротивни на разбирањето, гледиштето и ставот на главниот лик. Тоа доведува до конфликт меѓу нив и овозможува пројавување на таа суштинска, доминантна, карактерна особина на главниот лик.

Без разлика каков конфликт има во драмата, и без разлика за каков драмски јунак со одреден морален карактер станува збор, драмскиот јунак, односно драмскиот лик мора да биде природен, вистинит и веродостоен, како феномен во животот, а во исто време мора да биде карактеристичен претставник на одредени човечки особини, доблести или пороци. Затоа, драматурзите посветуваат најголемо внимание на градењето на ликот на своите херои, бидејќи без добро изградени ликови нема добра драма.

Ете какви треба да бидат ликовите. Но режисерско-драмскиот тандем Хорват‒Марковиќ, направи од битолските актери да бидат статисти, а главниот лик Илина Чоревска (Медеја), од која според теоријата, се бара да има конфликт, едноставно немаше. Ајде ќе речеме дека имаше само дерење по мобилниот телефон, средба со нејзината пријателка во паркот и средбата пред куќниот праг во домот на Владимир (Јасон ‒ Огнен Дранговски, кој го игра мажот ѝ). Друго дејствие од кое ќе се произведе театар воопшто немаше.

Токму во овој сегмент Илина Чоревска (Медеја) ни покажа дека таа не може да биде хероина, напротив, ни покажа лик на збрлавена жена, уплашена, изгубена. Тоа е знак дека таа не е никаква хероина. Хероините не делуваат така, тие не се аморфни. Додека на Медеја, односно на актерката Илина Чоревска во главата ѝ зборува „совеста“, таа се прпелка во себе, прикажувајќи ни дека нејзиниот ум е во хаос.

Всушност, таквиот навидум болен ум и вештачки хаос кој го гледавме на театарската сцена, беше одигран и без вистински емоции, што веднаш станува јасно дека станува збор за лоша актерска игра (глуматарење), кое ни ја отвора размислата дека ликот на Медеја е недоволно добро сработен. Со таквиот лик кој и самиот не може да се најде, и не знае за што ќе има драмска реплика, создаде мрачна слика. Публиката не само што ја напушташе претставата, туку и некои од нив ги фати дремка, а сонот им се кршеше кога Медеја (Илина Чоревска) ќе вреснеше.

На што се должи ова, односно на што се должи недоволното внесување во
ликот на Медеја?!

Прво и најважно нема текст, второ, режисерот не умеел да побара од Илина Чоревска целосно да се внесе во ликот, и трето, Илина Чоревска не умее да се внесе во психолошки ликови. Наводниот плач, всушност ја откри Илина Чоревска дека таа не умее да внеси вистински емоции во претставата. Едноставно речено, таа не може да плаче ни како што треба на сцена. Ние видовме само една хистерична жена, едно хистерично тресење на рацете, па и на целото тело одвреме-навреме, (ако се присетеше дека треба тоа да го направи) и пиење на таблетки, најверојатно за смирување.

Ете, тоа ни го покажа во ликот на Медеја, Илина Чоревска во театарската претстава. Значи, видовме една бесконечна хистерија, една бесконечност на болниот ум на Медеја. Режисерот пак, за да ја исполни својата безидејност кон претставата на сцената ни прикажува и пазар, со еден збор улични продавачи, низ кој Медеја изгубено скита. И, бидејќи нема драмско дејствие, нема дијалог, нејзе ѝ се пушта сценската ротација. Таа само некаде оди, оди, што веднаш може да се каже дека ваквото глупаво режисерско решение преоѓа во здодевност.

Се чини дека режисерот Себастијан Хорват од Илина Чоревска постојано барал таа да ја покажува душевната болест на Медеја, што не е никакво режисерско решение, туку напротив тој направи од Илина Чоревска да биде негативен лик. Многумина кои ја гледаа театарската претстава останаа вчудовидени како во претставата режисерот Хорват не вклучил и лекари од психијатриска болница, бидејќи и тие сега стануваа дел од модерното време.

Во еден миг од претставата, Медеја на сила се обидува да прикаже една емоција на загрижена мајка за своето дете. Па дури и плачот од наводната болка (оти не почуствува болка) не можеше да излезе од неа. Очите ѝ беа празни, бездушни, без емоции. А солзи нема без емоција, солзи нема без вистинска болка, што всушност е и доказ за нејзината неприродна актерска игра.

Бертолд Брехт за односот на актерот кон улогата ќе рече: „Актерот треба да ја чита својата улога во ставот кој се чуди и противречи. Како остварувањето на случајот (збиднувањето) за кој се чита, така и до својот лик кој го создава, актерот треба да го одмери и да ја разбере неговата карактерна улога, ништо не смее да прифати како што му било дадено, како нешто безусловно дека воопшто не би можело да испадне поинаку, што морало да се очекува во карактерот на ликот кој се игра. Пред да ги запомни зборовите, актерот треба да го запомни и тоа зошто се чудел и на што се спротиставувал. Овие мигови актерот треба да ги задржи при неговото актерско обликување во ликот на претставата. Кога ќе отиде актерот на сцена, тој на сите важни места покрај тоа што го работи, ќе пронајде дали треба да се спознае и почувствува да го прави и тоа што не му рекол режисерот. Техничкиот израз на ова постапка се вика: фиксирање на постапката.

Ќе биде грев ако не споменеме дека хорот во претставата постојано се обидува да ја подигне емоцијата на Медеја, но нејзината збрканост, збунетост до ефемерност не ѝ го дозволува тоа. Хорот ја насочува кон страдањето, односно, кон тој момент таа да го одигра како што треба, (огнот жежок од кој гори), но безуспешно. Таа заборава дека одрекувајќи се од целосното преобразување, актерот не го игра својот текст како импровизација, туку како цитат, како дел. Притоа потполно е јасно дека актерот во тој цитат мора да ги донесе сите призвуци, целосната човекова конкретна пластика на изразот, како што се и движењата што ни ги прикажува и кои претставуваат едно пресликување за да се добие целосното физичко човеково, актерско движење.

За жал, кај Илина Чоревска, односно кај Медеја тоа го нема, но затоа има хистерична појава, која не е само хистерија на умот, туку и на духот. Всушност, таа не умее да прикаже, ништо, бидејќи во ниту еден момент, таа не е внесена во претставата. Рака на срце, таа онака декламативна се обидува да страда, но само како надворешна форма, а не и суштинска.

Медеја во театарската претставата ни покажа дека сака да се самоубие, со таблетки (кои не ги пие, иако во драматургијата постои правило дека ако покажеш сцена пиштол тој мора во една од сцените да пукне), но никој од публиката не го почувствува тоа. А тој е односот на актерот кон публиката, кој треба да биде најслободен и најизразен, оти актерот, всушност има нешто да ѝ соопшти на публиката, и да ѝ прикаже.

Големиот дански актер Поул Реумерт (Poul Reumert) за ова ќе рече: „Кога чувствувам дека умирам, кога јас тоа навистина го чувствувам, тогаш и сите други го чувствуваат тоа. Кога владеам како да имам нож во рацете и целосно сум исполнет со мислата дека сакам да го убијам детето, тогаш сите на тоа се згрозуваат… Сето тоа е дејствие на мислите кое се пренесува со помош на чувствата, или ако сакате обратно: чувството силно како опседнатост кое се претворува во мислите. Кога ќе успее, тоа е  најизразито од сѐ на светот, а тогаш сѐ што е надворешно е небитно…“.

Е затоа можеме да речеме дека Илина Чоревска не ја долови улогата како што треба. Гмечењето на таблетките кои се разблажени во шише со вода, кое пак го шета низ Цирих, не дава јасна слика дека таа е подготвена за самоубиствен чин, а публиката сето тоа да го почувствува, туку веднаш по некоја минутка публиката го заборави овој детал, иако треба да биде врежан во главите. Режисерот со овој момент не ни покажа никаква интроспекција, а и обидот за самоубиство можел да го изведен и на по софистициран начин.

За жал и колку да се обидува хорот да ја води театарската претстава на вистинската патека, духот кој треба да гори низ просторот кај главниот лик Медеја воопшто го нема.

Притоа, жалам што морам да констатирам дека главниот лик Медеја (Илина Чоревска) лошо се движи низ целата претстава. Режисерот Себастијан Хорват, толку многу ја има злоупотребено како актерка бидејќи ја користи во десетина ситуации да им биде репер и на светлото и на музиката. Значи, кога таа ќе даде некаков знак со рака се пали светло. Потоа додека седи во т.н. трамвај и кога ќе ги здогледа актерите со столови во рацете, прави нагло движење кое треба да биде знак дека треба да се пушти музичка подлога за доаѓање на трамвајот. Потоа си гледа десетина минути онака празно во една точка.

Всушност, Медеја треба да биде ликот кој ќе ги поврзе етидите, но, за жал, концентрацијата ѝ паѓа и не може да има поделено внимание, односно да следи сѐ што се случува на сцена, така што се добива впечаток дека не може да прави, да речеме, две работи истовремено, што се добива впечаток дека нејзиниот капацитет на актер е ограничен.

Според она што имавме можност да го видиме на театарската сцена во ликот на Медеја, Илина Чоревска имаше потпросечен настап. Некој ќе рече дека денот не ѝ бил наклонет, па да го бара олеснителниот момент за неа, а јас би надополнил дека за да нема во иднина лоши денови, побезболно би било и за неа, а и за цела претстава таа да добива улоги кои не се толку сложени, оти познавајќи ја Илина Чоревска како актер, таа се чини, дека преку „My name is Medeja“ се демаскира, па го изгуби актерскиот ореол, што го добива секој актер според некоја значајна улога. Сега, гледајќи ја од овој миг, лесно може да се добие впечаток дека таа својата актерска немоќ досега ја покриваше со разголеното тело.

Всушност, со нејзиното прекрасно голо тело, таа ја замаглуваше вистинската слика за неа, и за нејзините актерски улоги воопшто, така што се чини дека кога таа ќе се појавеше гола на театарската сцена никој не гледаше кој актер како игра.

Драматургот Милан Рамшак Марковиќ, режисерот Себастијан Хорват и главниот лик Медеја, Илина Чоревска, направија театарската претстава „My name is Medeja“ да изгледа дилентантистички и театарски блам.

И сосема за крај, на сите треба да им биде јасно дека на сцената на Народниот театар од Битола, друга актерка не може да го одигра бравурозно ликот на Медеја, како што тоа во 2011 година го направи актерката Јулијана Мирчевска, и ниту една идна Медеја, не ќе може да се споредува со Медејата – Јулијана Мирчевска.

Зоран Пејковски,
доцент од областа Драматургија