Речиси целиот воен врв во Пентагон во самоизолација

Речиси сите членови на американскиот Генералштаб заминаа во самоизолација откако вториот човек на американската Крајбрежна стража објави дека има коронавирус. Адмиралот Чарлс Реј, по состанокот на американскиот воен самит во Пентагон, бил позитивен на коронавирус.

Висок воен службеник, кој побара анонимност, истакна дека поради ризикот скоро целиот Генералштаб бил тестиран за коронавирус, но дека сите, освен адмиралот Реј, биле негативни и продолжиле да ги извршуваат своите должности, пишува Ројтерс.

Во меѓувреме, Белата куќа објави дека зголемувањето на бројот на лица заразени со Ковид-19 меѓу службените лица на американската администрација не го загрозува функционирањето на американската влада.

„Освен адмирал Реј, нема други високи воени службеници заразени со вирусот корона. Борбената подготвеност и подготвеноста на вооружените сили на САД се непроменети”, изјави портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.