Речиси две третини поддржувачи на американските демократи не сакаат втор мандат на Бајден

Големо мнозинство поддржувачи на Демократската партија, не сакаат актуелниот американски претседател Џо Бајден да се кандидира за вториот мандат во 2024 година, покажува истражувањето спроведено од весникот The New York Times и институтот Siena College Research Institute.

Истражувањето спроведено од 5-ти до 7-ми јули врз 849 испитаници, било фокусирано на декларираните гласачи на Демократската партија на кои им било поставено прашањето дали Бајден би требало да биде номиниран за вториот мандат на изборите во ноември 2024 година. А покажало дека само 26 отсто од испитаниците демократи се согласни сега 80-годишниот претседател да добие уште една кандидатура, додека дури 64 отсто сакаат друг кандидат.

Како главни причини зошто симпатизерите на американските демократи претпочитаат друг кандидат, најбројни биле возраста на Бајден, како и ефектите од неговата работа на должноста.

Истовремено, од сите испитаници опфатени со анкетата, само 33 отсто ги поддржуваат политиките на Бајден, додека 60 отсто од демократите не го споделуваат таквото мислење. Анкетата, исто така, покажала дека дури 77 отсто од испитаните дека САД се на погрешен пат на сопствениот развој, а само 13 отсто изразиле поддршка за сегашниот курс на Вашингтон.

На почетокот од јули беше објавена анкета според која 71 отсто од Американците не сакаат актуелниот претседател Џо Бајден да се кандидира за вториот мандат. Истата анкета покажа дека и 61 отсто од испитаниците сметаат дека неговиот републикански претседател Доналд Трамп не треба да се кандидира во 2024 година, како што самиот најавува.

Едно од претходните истражувања, спроведено од Институтот за политика при Универзитетот Чикаго минатиот месец, покажа дека речиси една третина, односно 28 отсто од Американците веруваат дека можеби наскоро ќе треба вооружено да се спротистават на властите во земјата. Според оваа студија, таквото мислење го имаат 37 отсто од оние кои поседуваат оружје, а такви ставови изнел секој трет републиканец.