Речиси милион домови и деловни објекти во американската сојузна држав Тексас сè уште беа без струја во петокот, пет дена по ураганот Берил.
„CentrePoint Energy“, најголемата енергетска компанија во Тексас, објави дека околу 860.000 нивни клиенти сè уште се без струја. Успеале да го вратат снабдувањето со струја на повеќе од 1,4 милиони клиенти, според нивната веб-страница.
Жителите на Хјустон стануваат фрустрирани со зголемувањето на температурите. Измерени се 38 степени Целзиусови. Некои бизниси останаа затворени бидејќи немаа струја, а жителите мораа да фрлаат намирници вредни стотици долари.
Некои бараат сместување во хотели и на „Airbnb“, но нема многу опции, особено не евтини. Некои велат дека можеби ќе го напуштат градот за викендот, бидејќи не можат да живеат без струја на жештините.
Метеоролозите од Универзитетот во Колорадо оваа седмица ги зголемија своите прогнози за јачината на ураганите оваа година и веруваат дека Берил веројатно ќе најави многу активна сезона. Сега очекуваат шест големи бури, со ветрови од над 180 километри на час, а претходно предвидуваа пет.
Берил беше најраната бура од петта категорија досега. Го погоди Тексас како бура од прва категорија со ветрови од околу 130 километри на час.