Речиси половина од Русите го одобруваат помилувањето на Ходорковски

Ходроковски пред два дена беше ослободен од затвор со указ за помилување на рускиот претседател

Речиси половина од Русите, односно 47 отсто го одобруваат помилувањето на Михаил Ходорковски, уште 49 отсто немаат став кон оваа одлука на рускиот претседател Владимир Путин, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од „Левада центар“, пренесе „РИА Новости“.

Декретот за помилување на Ходорковски беше потпишан од рускиот лидер во петокот и во истиот ден поранешниот шеф на компанијата „Јукос“ излезе на слобода. Казната затвор во времетраење од десет години и десет месеци истекуваше во август 2014 година. Веднаш по ослободувањето Ходорковски полета за Берлин со приватен авион.

Анкетата покажа уште дека 55 отсто од руските жители веруваат во објавената верзија дека Ходорковски сам поднел молбата за помилување, додека седум отсто не се согласуваат со оваа верзија. Една третина од Русите, односно 33 отсто, сметаат дека бизнисменот одлучил да побара помилување, бидејќи ја признал својата вина, други 24 отсто го имаат спротивното мислење.