Околу 16 отсто од децата на возраст од 11 до 15 години биле жртви на сајбер-насилство во 2022 година, што е четири отсто повеќе отколку во 2018 година, според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, кој опфаќа 44 земји.
-Извештајот е повик за будење за сите нас да се справиме со малтретирањето и насилството, кога и каде и да се случи тоа, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге.
Според студијата „Здравствено однесување на деца на училишна возраст“, 15 отсто од момчињата и 16 отсто од девојчињата изјавиле дека барем еднаш биле цел на сајбер-насилство во последните неколку месеци, пренесува Радио Слободна Европа.
Агенцијата на ОН истакна дека пандемијата го променила начинот на кој адолесцентите се однесуваат едни со други.
-Виртуелните форми на врсничко насилство станаа особено релевантни од почетокот на пандемијата со Ковид-19, кога светот на младите стана сè повеќе виртуелен за време на заклучувањето, се вели во извештајот.
Другите форми на малтретирање забележаа благ пораст.
Единаесет проценти од момчињата и девојчињата рекле дека биле малтретирани на училиште најмалку два или три пати месечно во изминатите неколку месеци, во споредба со десет проценти пред четири години.
Највисоко ниво на сајбер-малтретирање доживеале момчињата во Бугарија, Литванија, Молдавија и Полска, додека најниско ниво е забележано во Шпанија, објави СЗО без детални податоци.
„Бидејќи младите поминуваат до шест часа онлајн секој ден, дури и малите промени во стапката на малтретирање и насилство може да имаат длабоки импликации за здравјето и благосостојбата на илјадници луѓе“, рече Клуге.
Еден од осум адолесценти признал дека малтретирал други преку Интернет, што е зголемување за три процентни поени во споредба со 2018 година, според извештајот.
Во меѓувреме, бројот на адолесценти кои се впуштиле во физички пресметки остана стабилен во четиригодишниот период и изнесува десет отсто – 14 отсто кај момчињата и шест отсто кај девојчињата.
Студијата се базира на податоци од 279 илјади деца и адолесценти од 44 земји низ Европа, Централна Азија и Канада.
Во повеќето земји, сајбер-малтретирањето достигнува врв кога децата имаат 11 години за момчиња и 13 за девојчиња.