Речиси сите обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство конкурирале за петте работни места во Обвинителството за организиран криминал кое што го предводи Вилма Русковска. Вкупно стигнале 15 кандидатури од СЈО, а меѓу нив не се само обвинителите Ленче Ристовска и Стево Доневски. Екс кадарот на СЈО, официјално, нема да има предност при изборот кој се очекува да заврши на средината на ноември. Од крајот на оваа година празна останува и функцијата републички јавен обвинител, бидејќи Љубомир Јовевски заминува во пензија.
Обвинителските места веќе станаа тема за притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако таа не успеја да го спречи новиот закон за Јавното обвинителство по месеци блокада. Од оваа партија бараат избор на јавен обвинител по предлог на опозицијата бидејќи тоа било предизборно ветувањена СДСМ пред да дојдат на власт.
„Овие мафијаши да си го исполнат ветувањето и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој ќе го исече од корен криминалот почнувајќи од првото дело, па се до завршувајќи го последното, без разлика на политичката припадност“ , порача Мицкоски.
Експертите не се согласуваат со барањето на Мицкоски затоа што со тоа се нарушува независноста на судската власт. Според нив тој треба да биде предложен од Советот на јавни обвинители.
Според најновиот Закон за Јавно обвинителство, исто како и во претходниот закон, обвинителот го предлага Владата, а го изгласува Собранието. Законот беше донесен во февруари, а стапи на сила на 30 јуни. И од невкадиниот сектор сметаат дека ниту опозицијата, туку Советот на обвинители треба да го именува јавниот обвинител на Македонија.