Речиси сите училишта од Куманово побарале субвенционирана струја

Осумнаесет училишта од вкупно 21 од Куманово користат повластена цена за електрична енергија, информираа денеска од Секторот за образование од општина Куманово. Дел од нив веќе добиваат фактури по повластена цена, а најголем дел од училиштата навреме склучиле договори со ЕСМ.

– Четири општински средни училишта и 14 основни општински училишта или вкупно 18 училишта веќе имаат склучено договори. Фактурите си течат по оваа нова субвенционирана електрична енергија, додека за три училишта е потенцирано од операторот дека станува збор за мали училишта, пред сè од рурална средина со помал број на вработените, површина, помал број на ученици, а со тоа и помала потрошувачка на енергија. За нив не е потребно дополнително склучување, бидејќи нивните фактури се навистина мали, изјави раководителот на Секторот, Александар Јовановиќ.

Најголеми потрошувачи се најголемите училишни објекти, централните средни и основни училишта со голем број ученици.

Рокот за пријавување за снабдување со субвенционирана електрична енергија за периодот од 1 февруари 2023 истекува денеска, петок 20 јануари 2023.