Речиси двојно пониска излезност на референдумот во однос на претходните избори

Речиси двојно пониска е излезноста на денешниот референдум во однос на парламентарните избори во 2016 и локалните избори 2017 година.

Државната изборна комисија соопшти дека до 13 часот на референдумот своето гласачко право го искористиле 16 проценти од запишаните избирачи во Избирачкиот список. За споредба во 2014 година излезноста во 13 часот изнесувала 30,93 проценти, на предвремените парламентарни избори во 2016-та година била 34,7 отсто, додека на локалните избори во 2017-та година излезноста била 27,30 oтсто.

Како спореба може да се земат двата поголеми града во земјата Струмица, од каде што потекнува премиерот Зоран Заев и догли години беше градоначалник, како и Охрид.

Драстично помала излезност во Струмица во споредба со изборите, сограѓаните на Заев без интерес за референдумот. До 13 часот во општина Струмица на гласање излегле 8.393 избирачи, односно 17,1 отсто од вкупно запишаните 49.086 избирачи. И во оваа општина се бележи далеку помала излезност од онаа на предвремените парламентарни и локалните избори.

На превремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, до 13 часот во Струмица гласале 38,5 отсто од избирачите, односно за 21,48 проценти повеќе од излезноста на денешниот референдум. А 26,74 проценти од избирачите во Струмица, гласале до 13 часот на локалните избори кои се одржаа лани.

Изјаснувањето на граѓаните по однос референдумот во Општина Охрид се одвива непреченo на сите гласачки места, но се бележи далеку помала излезност од онаа на минатите избори. Претседателот на ОИК на Охрид, Димитрија Вревезоски, изјави дека според Единствениот избирачки список во кој се запишани и граѓаните кои живеат во странство до 13 часот правото на глас го искористиле 8.598 граѓани или 16,48 отсто од граѓаните.

За разлика од денеска, охриѓани повеќе гласале на локалните избори кои се одржаа во октомври минатата година. До 13 часот 25,03 отсто од граѓаните на општина Охрид го оставрија своето избирачко право на локалните избори. Во Охрид, на предвремените парламентарни избори во 2016 година, до 13 часот гласале дури 35,30 отсто од избирачите.