![макептрол-1-960x540](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/makeptrol-1-960x540.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво, изјавија за МИА од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
„На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство“, посочуваат од РКЕ.
Од Комисијата нагласуваат дека во текот на денешниот ден добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.
„Некои бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите. За состојбата РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането. Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија“, додаваат од РКЕ.
Колона од возила на бензинските станици претходно во четвртокот се создала во Штип. Возачите чекале од 10 до 30 минути за да дојдат до пумпата за да наточат гориво. Тие се повикуваат на информации на социјалните мрежи, за кои се смета дека за лажна, зашто ниедна институција или компанија нема најавено или објавено дека цената на нафтените деривати ќе скокнат или дека ќе снема залихи во складиштата.
Од најголемата нафтена компанија Макпетрол за Телма велат дека поради напливот од автомобили, во 15 часот на сите бензинските пумпи е дозволено да се точи секаков вид на гориво во вредност до 2.000 денари, а забрането е да се полни во туби и помошни резервоари. Ова е поради, како што соопштуваат од компаниите, да не се прават залихи од гориво од безбедносни причини, а и поради тоа што нема да има рестрикции.