Редок вид пингвин завршил на брегот на Нов Зеланд, најмалку 3.000 километри од неговото природно живеалиште на Антарктик, пренесува во петокот BBC.
Аделискиот пингвин, кого локалното население го нарекло Пингу, изгледал многу збунет кога бил пронајден на брегот. Ова е само третпат примерок на аделиски пингвин да е пронајден на бреговите на Нов Зеланд, по таквите случаи во 1962 и во 1993 година.
Хари Синг, кој го забележал, во почетокот мислел дека станува збор за играчка. Синг и неговата сопруга го нашле Пингу кога шетале по плажата Брдлингс Флат, јужно од Крајстчрч.
„Во прв момент помислив дека станува збор за кукла, а потоа ја придвижи главата па сфатив дека е вистински“, рекол Синг.
Крвната слика покажала дека Пингу бил прегладнет и дехидриран. Кога ќе закрепне, пингвинот ќе биде пуштен на плажата на полуостровот Банкс на кој нема диви кучиња, пишува уште BBC.