Редок портрет на Моцарт ќе биде понуден на аукција

Редок портрет на австрискиот музички гениј Волфганг Амадеус Моцарт ќе биде понуден на 27-ми ноември на наддавање во Париз организирано од аукциската куќа Christie’s, а се проценува дека сликата ќе постигне меѓу 800.000 и 1,2 милиони евра.

Уметничкото дело, а станува збор за еден од четири портрети насликани за време на животот на славниот композитор кое сега е дел од приватна колекција, е насликано во 1770 година. Му се припишува на италијанскиот сликар Џамбетино Чињароли.

„Станува збор за една од ретките слики чијашто историја можеме да ја следиме од самиот почеток“, вели за Reuters TV Астрид Кентнер-д’Ултремон, шефица на Одделот за стари мајстори на париската филијала на Christie’s.

Маслото на платно го прикажува тринаесетгодишниот Моцарт како свири на чембало, облечен во црвено капутче со бела перика на главата, а пред него е партитура. Во времето кога настанала сликата, Моцарт патувал низ Италија за таму да може да го продолжи своето музичко образование, а попатно одржувал и концерти ширум земјата.

Портретот го нарачил венецијанскиот богат трговец Пјетро Лугјати, неколку дена откако Моцарт во 1770 година во Верона одржал концер на оргули. Лигјати бил импресиониран од талентот на младиот Моцарт кој низ Италија патувал придружуван од татко му, вели Кентер-д’Ултремон.