Редок примерок од првото издание на Хари Потер продаден за 18.000 фунти

Примерок од првото издание на серијалот за Хари Потер од Џ.К. Роулинг беше продаден за 18.000 фунти на аукција во Велика Британија.

Копија од книгата „Хари Потер и каменот на мудреците“, еден од првите 500 отпечатени во 1997 година, беше продаден на наддавање во саботата во англиското гратче Пејгтон, во грофовијата Девон.

На задниот дел од книгата има правописна грешка кај зборот „Philosopher’s“, а на страницата 53 волшебното стапче по грешка е наведено двапати во списокот со волшебничка опрема.

Се очекуваше копијата да постигне продажна цена меѓу 20 и 30 илјади фунти, но е продадена за 18 илјади (околу 21,6 илјади евра).

Аукциската куќа NLB Auctions го опиша како „добар пример на исклучително ретка копија од прво издание“.

Ова е едно од 300-те изданија од библиотечен фонд, има печат од библиотеката на насловната страница и знаци на претходна картичка за позајмување од библиотеката.

Уште еден примерок од романот, но пооштетен, е продаден за 1.300 фунти.

Издавачите првично испечатиле само мал број примероци од Хари Потер, бидејќи немале проценки дали книгата ќе добие популарност. Следуваше серија од уште шест продолженија и филмски адаптации, а Хари Потер денес е една од најпопуларните книги во светот.

Првото издание на „Хари Потер и каменот на мудреците“ беше продадено за 45.000 фунти во јуни минатата година, а целосно зачуваниот примерок достигна цена од 69.000 фунти во март 2022 година.